Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по првичното објавување на аудио снимки на „Јутуб“ на каналот „U6e Big“, отвори предмет по допрен глас.
Предметот е земен во работа и по него постапува надлежен јавен обвинител. Издадена е наредба до Министерството за внатрешни работи – Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика да преземат дејствија и мерки и барањето за прибирање на потребни известувања да го достават до „Јутуб“, информира Јавното обвинителство.
Во моментов се испитуваат сите околности во врска со идентификација на лицето што ги објавило снимките. Со постапката треба да се утврди кој снимал, дали во содржината на разговорите и нивното јавно објавување има елементи на кривично дело, како и идентитетот на лицата што разговараат. Откако ќе биде прибран и анализиран доказниот материјал, обвинителството ќе донесе одлука дали и кое лице ќе биде повикано да даде исказ пред обвинител, за што во моментот е прерано да се зборува. – се вели во известувањето.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција уште информират дека до сега нема пристигнато пријава која се однесува на објавените снимени разговори.
Инаку на „Јутуб“ каналот „U6e Big“ изминатите денови објавени се повеќе снимки на кои може да се препознае гласот на еден од инволвираните во случајот „Рекет“. Се претпоставува дека тоа е гласот на бизнисменот Орце Камшев кој зборува за фамозната „Луи Витон“ ташна во која биле парите од побараниот рекет од него, а во која според објавените разговори имало „GPS“ уред.
OhridNews