Јавното обвинителство презема дејствија за расчистување на настанот со сквернавењето на македонското знаме на синоќешните прослави за Денот на албанското знаме, информираат од ЈОРСМ.
Известен е јавен обвинител, се преземаат дејствија за расчистување на настанот, соопштуваат од ЈОРМ.
Полицијата потфрли во превенција на скандалозните настани, Тошковски се уште никаде го нема, реагираат од СДСМ.
СДСМ бара Мицкоски и Тошковски веднаш да излезат пред граѓаните и да објаснат зошто превенцијата целосно потфрли? Министерството за внатрешни работи мора итно да ги преземе сите потребни мерки за идентификација и казнување на сторителите. Законот мора да важи подеднакво за сите граѓани. Почитувањето на симболите и идентитетот на секоја заедница е клуч за заедничкиот напредок. Секое однесување кое предизвикува поделби и тензии е спротивно на вредностите на едно општество за сите и мора да биде санкционирано, велат од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ го осудува сквернавењето на македонското знаме и истовремено реагираат и на навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи зад кои велат има и политичка позадина.
Законот мора да се почитува од сите подеднакво и очекуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои го кршат законот. Kриминалните банди кои 20 години ги ограбија институциите и сите граѓани независно од етничката припадност, денес со овој однос покажаа дека за нив националните знамиња не се ништо друго освен обвивка со која мислат дека ќе избегнат кривична одговорност, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Демократската унија за интеграција остро ја осудува полициската интервенција без преседан за време на прославата на Денот на албанското знаме, ден кој има исклучително значење за Албанците во Република Северна Македонија и ширум светот, велат во соопштението.
Оваа интервенција, наместо да го зачува јавниот ред, предизвика непотребни тензии и создаде клима на конфронтација, нарушувајќи го правото на граѓаните слободно да ја одбележат оваа значајна празнична традиција. Истовремено, го осудуваме индивидуалниот чин на палење на државното знаме како реакција на несоодветната интервенција на полицијата. Таквите дела не ги одразуваат вредностите на Албанците ниту пак стремежите за стабилна соживотност и взаемна почит. Во овој контекст, е неприфатливо и срамно што ВМРО-ДПМНЕ и одредени други политички сили се обидуваат да ги злоупотребат овие инциденти за да изградат лажна нарација која го криминализира секој став на Албанците, додаваат од ДУИ.
Н.С.Ј.