Претставници на тетовското Обвинителство и на Германската амбасада во Скопје денеска го посетија местото на монтажниот објект за ковид пациенти во Клиничката болница во Тетово, при чие опожарување во средата загинаа 14 луѓе.

Од тетовското Обвинителство не дадоа подетални информации за посетата, а најавија дека во следна прилика ќе има податоци од службата за односни со јавноста при Јавното Обвинителство на Репубика Северна Македонија. Од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија велат дека експертскиот тим од Федералната криминалистичка полиција на Германија, кој треба да помогне за утврдување на причините за пожарот во модуларниот Ковид центар во тетовската болница, треба да пристигне во земјава во следните неколку дена.

Во Тетово денеска беше одржан и граѓански марш од градскиот плоштад до изгорената модуларна болница во знак на почит кон 14-те луѓе кои ги загубија животите на 8 септември. Пред тргнувањето на маршот на плоштадот симболично беа засадени дрвја во знак на почит кон загинатите сограѓани.

Групата тргна од градскиот плоштад и се движеше преку булеварот „Илинденска“ се до улицата „29 Ноември“ по што се доближи до новиот пристапен пат кој води позади модуларната болница . Таму беше положено цвеќе и венци, а беше оддадена почит и со минута молк. Беа поставени и неколку транспаренти со натписите „Жив сум – протестирам“ и „Човечкиот живот има вредност“.

Ние сме навивачи, ова не е протест, не е политички мотивиран, туку само мирен марш за почит кон загинатите во пожарот, изјави Башким Идризи од навивачката група „Балисти“ кои ја покренаа иницијативата за маршот преку социјалните мрежи.

OhridNews