Пресврт се случи на на главното рочиште од повторениот судски процес за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски (27), што се случи на пречекот на новата 2016 година во центарот на градот.

Откако два пати беше одложуван почетокот на повторениот судски процес, на денешното рочиште обвинетиот Бојан Угреновиќ (30), државјанин на Р. Србија, се произнел дека не е виновен за кривичното дело.

По ова судијката Весна Кичеец го одложила рочиштето за септември, кога исказ треба да дадат сведоци во случајот.

Денешната изјава пред судот на обвинетиот е спротивна на исказoт што тој го даде на 15-ти декември во Основниот суд во Охрид. Тогаш Угреновиќ на почетокот од главната расправа на прашање на судечкиот судија изјави дека се чувствува виновен за кривичното дело за кое се товари и изрази жалење и каење за стореното. Тој тогаш ги прифати сите наводи во обвинението кое го товари дека критичната вечер физички го нападнал Димитар Матилоски во кафе барот Табана, а потоа надвор му задал удари, од кои еден во пределот на лицето бил фатален за младиот охриѓанец.

Судот тогаш го осуди Бојан Угреновиќ на казна затвор во траење од 16 години, која подоцна поради забелешки беше поништена од апелацискиот суд во Битола, а предметот беше вратен на повторно судење во Основниот суд во Охрид.

Што од правна гледна точка ќе значи новиот момент во судскиот процес за убиството на младиот Матилоски, останува да се види, дотолку повеќе што на 27-ми јули истекува притворот на Бојан Угреновиќ.

Оштетеното семејство претходно изрази загриженост дека постои можност од правни причини убиецот на Димитар да се најде на слобода.

OhridNews