Повторениот судски процес за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски (27), што се случи на дочекот на Нова година во 2016 година, повторно не започна, бидејќи обвинетиот Бојан Угреновиќ (30), од Краљево – Република Србија, и денеска не се појави на закажаното рочиште во Основниот суд во Охрид, за што бил уредно поканет.
Судот го одложи рочиштето за 3-ти октомври и му изрече мерка притвор до 30 дена на отсутниот Бојан Угреновиќ, кој треба да се спроведе во затворот во Охрид. Тој сега се брани од слобода, бидејќи судот претходно му го укина притворот согласно законот за кривична постапка, каде по член 123 став 1, кој што се однесува на крично дело убиство, а предвидува казна затвор во траење од најмалку 5 години, истиот може да трае една година. Овој законски рок истече на 27-ми јули.
Семејството на убиениот и нивниот правен застапник уште пред да биде ослободен од притвор обвинетиот предупредија на недоследности и пропусти во законот изразувајќи отворено сомневање дека тоа може да биде искористено да се избегне правдата.
Ова е петто одложување на повторениот судски процес за убиството на охриѓанецот Димитар Матилоски откако апелацискиот суд во Битола ја укина првичната одлука на Основниот суд Охрид кој обвинетиот Бојан Угреновиќ во декември минатата година го осуди на казна затвор од 16 години и го врати предметот на повторно судење. На почетокот на повторениот судски процес обвинетиот кој првично го призна делото го промени исказот и се изјасни за невин, по што следеше негово ослободување од притвор бидејќи истече законскиот рок во кој требаше да заврши судскиот процес.
OhridNews