До 10 јануари 2022 трае јавниот повик за Програмата за млади менаџери и деловни лидери која од јануари до мај годинава ќе ја спроведе Советот на странски инвеститори под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски.

Целта на програмата е над 30 млади и амбициозни луѓе од земјава, преку повеќе значајни обуки да стекнат конкурентни вештини и знаења што ќе ги одведат во нови професионални предизвици, информираат од Советот.

Обуките ќе бидат спроведени во 18 компании коишто ќе бидат вклучени во програмата, а се членки на Советот на странски инвеститори ЕВН Македонија, Костал Македонија, Макстил, Џонсон Мети, Либерти стил, Комфи ангел, Ван хоол, Пивара Скопје, Амфенол технолоџи Македонија, Ронтис, Кромберг и Шуберт, Македонски телеком, Шпаркасе банка, Турмак (Џевахир групација), Цементарница Усје, Баумер, ИутеКредит и Порше Македонија.

Согласно јавниот повик, кандидатите треба да бидат на возраст до 29 години. Може да учествуваат студенти во последната година од додипломските студии, дипломирани, како и студенти на магистерски и докторски студии на високообразовни институции од научни области со кои се занимаваат компаниите вклучени во оваа програма, додаваат.

Заинтересираните може да се пријават на www.fic.mk.

OhridNews