Едриличарската Федерација на Македонија, во соработка со едриличарските клубови од Охрид, Струга и Скопје утре со почеток во 11:00 часот од градските пристаништа во Охрид и Струга, организира двочасовна обука за запознавање со едрењето.
Од заинтересираните ќе се изврши селекција на кандидати кои во иднина ќе добијат целосна и бесплатна обука за скипер на едрилица. Бесплатните обуки ќе се организираат во Охрид и Струга. Ги покануваме сите заинтересирани, средношколци, студенти и други лица постари од 16 години, кои гледаат можност за остварување дополнителни приходи во текот на летната сезона да се пријават на следниот линк или на телефонските броеви 078/269-041 за Охрид и 071/220-784 за Струга, велат од Едриличарската федерација.
Оваа обука е ко-финансирана од Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка, а основна цел е зголемување на бројот на лиценцирани скипери кои ќе можат да работат на комерцијални тури со едрилици и ќе остваруваат дополнителни приходи во летниот период преку оваа дејност.
Со поддршка од Швајцарската Програма ИМЕ, Едриличарската федерација на Македонија од 30 септември до 2 октомври во Охрид одржа и обуки за сертифицирање на инструктори за едрење. Учествуваа 12 скипери од едриличарските клубови: Акватика јахтинг Охрид, Меч рејс клуб Охрид, ЧЗГ саилинг клуб Охрид, ЕК Снегар Струга, ЕК Сирма Струга и Нов ветер Скопје. Обуката ја изведуваше обучувач од ISSA (Internatinal Sailing School Association), асоцијација која покрај RYA (Royal Yachting Association) е една од најстарите во светот и една од двете асоцијации со најквалитетни обуки за скипери.
Едриличарската федерација на Македонија ќе биде акредитирана од ИССА да издава лиценци за едрење.
OhridNews