Невработените лица од Охрид кои потешко наоѓаат работа, во иднина ќе можат да се вработат преку програмата „Обука на работно место со субвенционирано вработување“. Оваа програма е комбинација од стекнување стручно знаење и вештини за подобрување на продуктивноста на поединците и финансиска поддршка за нивното вработување.

-Приоритет при вработувањето со оваа мерка ќе имаат лица на возраст 50-55 години, лица со основно или пониско образование, корисниците на социјална помош, млади лица до 29 години со ниски квалификации, долгорочно невработените, корисниците на социјална помош и лицата од ранливите категории на население соочени со бариери на пазарот на трудот. Обучуваните лица добиваат 6.200 денари месечно, со вклучено осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување, информираат од Агенцијата за вработување од Охрид.

Оттаму објаснуваат дека обуката на работното место трае три месеци, а работодавачот е должен да ја спроведе програмата врз основа на претходно подготвен план за обука и на учесниците во обуката да им издаде потврда за спроведената практична обука.

-По завршување на обуката на работното место, работодавачот е обврзан да ги вработи сите обучени лица за што ќе добие субвенција за вработување во форма на финансиска поддршка во бруто износ од 19.000 денари месечно за период од 6 месеци, од кои 14.000 денари за невработеното лице и 5.000 денари за работодавачот, како надомест за направените трошоци за подготовка на лицето во работниот процес. Работодавачот има обврска да го задржи на работа субвенционираниот работник во следните 12 месеци и да не го намали бројот на вработените на неопределено време, појаснуваат од АВРМ, Охрид.

Освен оваа програма, преку Агенцијата за вработување се нуди и програмата „Практикантство“ која овозможува младите невработени лица да се стекнат со можности за практично учење и работно искуство кај работодавач од приватен сектор, што ќе им се овозможува подготвени да се вклучат на пазарот на трудот.

-Програмата за практична работа е насочена кон младите невработени лица на возраст до 29 години со средно и високо образование. Практикантите ќе имаат можност за стекнување на практично знаење и вештини во приватни претпријатија. Практикантите добиваат 6.200 денари месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување во случај на несреќа при работа и професионално заболување. Право на учество во оваа програма имаат само работодавачи од приватен сектор, пишува во условите на програмата.

Според условите на оваа програма, работодавачот треба да подготви план за практична работа, да назначи ментор за практикантот и на крајот на програмата има обврска да издаде потврда за завршена практична работа.

OhridNews