Медијатори на ОБСЕ денеска зад затворени врати ги започнаа разговорите со претставниците на родителите, наставниците, раководството на училиштето и локалната самоуправа со цел да се изнајде решение за проблемот во средното училиште “Нико Нестор“ во Струга, каде трета недела настава не посетуваат учениците Македонци, кои бараат воведување посебни јазични смени.

Ги отворивме вратите за ОБСЕ поради тоа што се наоѓаме во период пред изборна кампања и работата се политизира. И за да не се мисли дека нешто се наметнува од централната или локалната власт, дадовме зелено светло на медијаторите од ОБСЕ да посредуваат и да се обидат да ги приближат ставовите, изјави советникот за образование во Општина Струга, Џејми Хајредини.


Џејми Хајредини

Тој очекува во наредните два до три дена да се изнајде решение со кое учениците ќе се вратат на настава, особено затоа што се ближи периодот на матури. Хајредини истакна дека загубената настава ќе се надополни со работа во саботите и неделите или со поголем број скратени часови.

За разлика од „Нико Нестор“, наставата во средното училиште„ Ибрахим Темо“ е нормализирана и таа редовно се одвива во мешани смени, информираше Хајредини. Тој  ги отфрли обвинувањата на локалната ДПА која денеска на прес конференција уште еднаш обвини дека  постои потпишан документ за воведување етнички смени во средните училишта во Струга, зад што, според неа,  се кријат интереси на градоначалникот Рамиз Мерко. „Таков документ не постои “, рече Хајредини.


Хајредини кажа дека ставот на општината од секогаш бил дека во Струга треба да се имплементираат проекти кои доближуваат, а не кои делат.

Нас ни требаат проекти за соживот, за интегрирани  училишта, зошто Струга не е полигон за експериментални проекти на национална основа, додаде Хајредини.

Ohridnews