ОБСЕ е загрижен за инцидентите во средношколскиот центар во Струга кои ги подгреваат меѓуетничките тензии во градот на Дрим.
Дека состојбата е сериозна потврди лично високиот комесар на ОБСЕ Кнут Волебек, кој денеска ќе престојува во средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибрхим Темо“. Тој сака лично да се запознае со случувањата во струшкиот средношколски центар, кои државата и локалната власт никако да ги стават под контрола.
Последниот инцидент се случи минатата недела кога тројца ученици Македонци беа претепани од поголема група врсници Албанци. Полицијата отвори истрага, а раководството на училиштето најави санкции за предизвикувачите на тепачките.