ОБСЕ се вклучи во решавањето на проблемот со учениците од двете средни училишта „Нико Нестор “ и „Ибрахим Темо“ во Струга преку нивни професионални медијатори.

Претставниците на меѓународната мисија на денешниот состанок во Струга дадоа предлог  да се подготват краткорочен и долгорочен план.Краткорочниот план, според нив, предвидува интензивни разговори со родителите и професорите од двете етнички заедници за изнаоѓање решение за настанатата состојба а ќе започне да се спроведува од утре. ОБСЕ денеска излезе и со догорочен план кој треба да ги подобри уловите за настава во двата средношколци центри каде  што околу 3 500 деца учат во мал простор.

Како што изјавија претставници од советот на родители, проблемот добива политички димензии. Според нив, политичките партии треба да прекинат со собирањето политички поени преку децата. Тие денеска излегоа со информација дека одлуката за воведување јазични смени е донесена на седница на советот на општина Струга во мешан етнички состав, уште на 26 февруари 2008 година.

За директорката во средното училиште „Нико Нестор“, Маре Савеска, од воведувањето јазични смени непотребно се прави проблем. Савеска објасни дека  ваквите смени во училиштата во Тетово, Дебар и Куманово се спроведуваат со години, и според неа, нема никаков проблем помеѓу учениците.


Македонците и Абанците во Струга, како што објасни Савеска, првпат делат иста средина во средното образование. Во градинките има одделни етнички групи, а во основните училишта учениците посетуваат настава во одделни јазични смени, или пак, во посебни етнички училишта.

Втора седмица по ред, македонските средношколци ја бојкотираат наставата и не отстапуваат од нивниот став, средното образование да го завршат во посебни смени, спротивни на Албанците.

Ohridnews