Претставниците од ОБСЕ, вчера оствариле средба со членовите на Изборниот штаб на СДСМ-Охрид  и кандидатите за пратеници од Коалицијата за Европа “СОНЦЕ” во 5-тата изборна единица, соопшти секторот за комуникации при СДСМ.
 
На едночасовната средба, претставниците од ОБСЕ информирале  за нивната набљудувачка мисија на претстојните вонредни парламентарни избори, што треба да биде спроведена од страна на ОДИХР – Канцеларија за демократски институции и човекови права при ОБСЕ. При тоа било истакнато дека набљудувачите од ОДИХР ќе ги следат изборните кампањи на политичките партии, работата на изборните и другите владини органи, примената на изборните закони, почитувањето на правилата за рамноправно медиумско претставување и покривање на изборната кампања, како и начинот на решавање на судските спорови поврзани со изборниот процес. По завршување на набљудувачката мисија, ОБСЕ ќе даде свој извештај со оценка дали изборите биле демократски, во согласност со позитивните законски  прописи, како и со меѓународните стандарди од оваа област.
 
Претседателот на Општинскиот изборен штаб на СДСМ од Охрид,  Томе Чингоски, кој воедно е и кандидат за пратеник на листата на “СОНЦЕ” – Коалиција за Европа во 5-тата изборна единица, на средбата изразил сомневање во декларативната заложба на власта да организира фер и демократски избори. Чингоски ја потенцирал позитивната оценка, која Македонија ја доби од меѓународната заедница, за организираните фер и демократски избори во 2006 година, кога на власт беше СДСМ и потсетил, како што се вели во известувањето, “ на нерегуларностите во изборниот процес во 2002 година, кога изборите ги организираше ВМРО-ДПМНЕ и кога целиот изборен процес беше спроведен на недемократски начин од страна на тогашната власт на ДПМНЕ, со злоупотреби, насилства, притисоци и закани кон гласачите, за кои оценка дадоа и мегѓународните набљудувачи“. Чингоски, исто така, ги информирал претставниците од ОБСЕ за критериумите, начелата и насоките, според кои ќе делува Општинскиот изборен штаб на СДСМ во Охрид во претстојната изборна кампања, како и за тоа дека императив на сите членови на изборните штабови и кандидати за пратеници од коалицијата за Европа СОНЦЕ, е спроведување на фер и достоинствени избори, во мирна и демократска атмосфера. На крајот, Чингоски ја потенцирал важноста на набљудувачката мисија на ОБСЕ на овие први вонредни парламентарни избори во Македонија, истакнувајќи дека овие избори ќе бидат тест за зрелоста на сите граѓани во Македонија, чија единствена алтернатива за просперитетна иднина претставува интегриранњето на нашата држава во евро-атланските интегративни процеси.
 
На средбата, ОБСЕ бил информиран  за начинот на водење на  изборната кампања, приоритетите на изборниот штаб на СДСМ од Охрид во однос на гласачите, организирањето на локалните месни изборни штабови за остварување на непосредни средби со граѓаните, транспарентноста во комуникацијата со јавноста и сл.

извор:
Сектор за комуникација со јавноста
Опстински изборен штаб на ОО на СДСМ од Охрид