Македонската ракометна репрезентација, против Швајцарија во Цирих
(12.јуни) и Португалија во Скопје (16.јуни) ќе го одигра последните два
квалификациски натпревари за пласман на Европското првенство, кое
следната година ќе се одржи во Данска.

Во пресрет на последните две кола во Групата 1 лидер е Шпанија со
максимални 8 бодови, Португалија има 5, Македонија 2, а Швајцарија еден
бод.

Македонија со две победи, доколку Португалија не направи вистинска
сензација и ја победи Шпанија, ќе избори пласман на ЕП. Во случај
Португалија да одигра нерешено со Шпанија, а Македонија ја совлада
Швајцарија, тогаш на 16.јуни во Скопје ’црвено-жолтите’ ќе мора да ја
совладаат Португалија со најмалку осум голови разлика.

Комбинациите пред последните две средби се тие, а од таборот на
репрезентацијата најавуваат дека максимално се фокусирани на она што ги
очекува.

Селекторот на репрезентацијата Ивица Обрван е задоволен од она што го
сработил со своите избраници во изминатите седум денови, а ќе го почека
последниот тренинг, во понеделник навечер, за да реши кои 16 играчи ќе
патуваат во Цирих.

„Позитивен резултат од овој натпревар не остава во игра за да ја
оствариме целта, пласман на Европското првенство во Данска. Комплетни
сме, откако ни се приклучи и Борко Ристовски кој имаше обврски во
Гумерсбах. Една недела работевме многу квалитетно, она што го имавме
испланирано, на тактички и технички план, го направивме. Подготвени сме
да дојдеме до позитивен резултат на едно тешко гостување. Во Швајцарија
сакам да одиграме добар натпревар и да избориме позитивен резултат, за
Португалија во овој момент воопшто и не размислувам“,
рече на прес
конференцијата Обрван.

Она што го радува македонскиот селектор е и здравствениот билтен, со
исклучок на крилните играчи Манасков и Ѓеоргиевски, кои подолго време се
повредени, тој на располагање ќе ги има сите останати ракометари.

Наумче чувствува мала болка но тоа нема да го спречи да го даде
максимумот, последните три четири тренинзи ги одработи во целост. Него
ќе го користиме онолку колку што ќе дозволи неговото тело и ќе се
обидеме да ги искористиме максимално неговите квалитети. Мали потешкотии
имаме со Борко, кој изминатите два дена мина 2.000 километри, ќе се
обидеме во овие два дена да го ’освежиме’ за и тој да може да го даде
својот максимум.

Квалификацискиот натпревар Швајцарија-Македонија кој се игра во среда, во Цирих, ќе започне во 20 часот.

“Макфакс“