Македонските репрезентативци рутински со седум погодоци разлика (27-20) ја совладаа Швајцарија на стартот од квалификациите за континенталниот собир во Полска.


– Морам да истакнам дека сум задоволен од играта и резултатот. Успеавме да победиме со убедлива разлика, а примивме мал број на погодоци и со голема самодоверба одиме во Чешка – рече селекторот Ивица Обрван.

Селекцијата на Чешка ќе биде вториот ривал на Македонија во групата, а тоа воедно ќе биде и вистински тест за нашите можности.

– Фактот дека Чешка има само еден натпревар загубено во последните 14 години на домашен терен дополнително ни ја подигнува желбата за победа. Би било прекрасно кога таму би извојувале победа, која широко ќе ни ги отвори вратите за ЕП – додаде селекторот.

По пауза од речиси цела година во репрезентативниот дрес се врати Наумче Мојсоски. Тој поради повредата на вкрстените лигаменти од коленото го пропушти Европското првенство и мечевите со Грција во бараж натпреварите за СП.

– Многу ми е мило што Наумче се врати во репрезентативниот строј. Убеден сум дека со право го кредитирав Мојсоски и кога не му одеше на теренот со швајцарците – заврши Обрван.

Мх.П.