Македонската ракометна репрезентација во Охрид ја започна втората фаза во подготовките за престојниот бараж двомеч со Грција за Светското првенство во Катар следната година. Недела дена колку што е селекцијата во Охрид се работеше на воигрување на ракометарите, а втората фаза започна со гледање на видео материјали за квалитетите на противникот.

– Ќе го намалиме интензитетот на тренинзите и полека ќе се фокусираме на нашиот противник. Ќе гледамe видео материјали и заедно со репрезентативците ќе ја анализираме нивната игра. Но, пак ќе напоменам дека во овој двомеч ништо не зависи од нив туку од нас. Се е во наша полза, квалитетот и формата но тоа треба да покажаме на теренот – рече селекторот Ивица Обрван.

До сега селекторот на македонската репрезентација ги „изолираше“ ракометарите и не им презентираше никакви анализи околу противникот.

– Тоа секогаш го практикувам и не сакам да им ја полнам главата на репрезентативците пред време. Имав можност да ги гледам два пати грчките ракометари во живо и видов доста работи тогаш. Мислам дека неколку дена пред натпреварите добро е да се погледаат нивните квалитети и слабости за што подобро да останат во сеќавање на репрезентативците – додаде Обрван.

Двомечот со Грција не носи само спортски набој туку и друг, а репрезентативците се свесни што (ќе) ги очекува во Атина на првиот натпревар од баражот.

– Очекуваме пеколна атмосфера на двата натпревари. Во Атина не смее тоа да не уплаши напротив треба да биде мотив повеќе за победа и пласман на уште едно големо натпреварување – потенцираше Миркуловски.

Мх.П.