Ивица Обрван доби целосна поддршка од Ракометната федерација на Македонија и со акламација седна на селекторотското столче. Обрван на промоцијата истакна дека добро го познава македонскиот ракомет и дека нема да направи драстични промени во играчкиот ростер за престојните натпревари со Шпанија во квалификациите за ЕП во Данска.

– Сакам да ја искажам својата благодарност до РФМ за укажаната доверба јас да бидам избран за оваа функција. Се надевам дека заедно со РФМ, играчите кои ми се на располагање и со својата работа ќе постигнам резултати какви што сите посакуваат и ќе се пласираме на ЕП 2014 во Данска. Ракометот е моја работа, ги познавам случувањата во македонскиот ракомет на клупски и на репрезентативен план. Лани бев тренер на Загреб, се сретнав и со Вардар про и со Металург. Никој не може да смени ништо драстично со само неколку дена тренинзи, моја цел ќе биде да создадам хомогеност, заедништво во репрезентацијата. Знаеме дека Шпанија е светски првак, но ние ќе гледаме да одиграме најдобро што знаеме и да се обидеме да го совладаме светскиот шампион. Она што го стори стариот селектор е за секоја пофалба, се надевам дека со напорна работа можеме да ги повториме тие успеси – истакна Обрван.

Свој осврт за избирањето на Ивица Обрван за селектор на сениорската репрезентација даде и претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

– Нашиот избор за селектор е Ивица Обрван и се надевам дека со заеднички сили ќе успееме да ја оствариме големата желба – да се најдеме на европскиот шампионат во Данска. Иако ситуацијата во која се наоѓаме е специфична, се чувствуваме подготвени за предизвикот да оствариме добри резултати – потенцираше Мукаетов.

Мх.П.