Селекторот на македонската ракометна репрезентација Ивица Обрван одлучи неделата на ЕХФ да ја искористи за мини подготовки во Охрид. Под Самоиловите тврдини селекторот собирот ќе ги искористи за подигнување на атмосферата, дружење на репрезентативците и полнење на батериите пред последните два и пол месеци од сезоната.

– Во Охрид селекцијата се собра по еден напорен и успешен викенд за македонските клубови Вардар и Металург во Лигата на Шампиони кои обезбедија пласман во осумте најдобри. Тука ќе поработиме на некои работи, а пред се ќе ја задржиме атмосферата која е доста добра, а тоа е многу важно за една селекција – рече Обрван.

Во Охрид селекцијата нема да одигра контролни натпревари, а и допатува некомплетна откако капитенот Лазаров, Стоилов и Георгиевски откажаа поради повреди, а Ристовски поради клупските обврски.

– Претходно одлучивме во неделата на ЕХФ да не играме ниту еден натпревар и сега од оваа гледна точка го направивме правиот избор. Репрезентативците се исцрпени физички и психички, а во Охрид ќе им излезиме во пресрет на клубовите и ќе ги регенерираме ракометари и нема да ги трошиме премногу. Лазаров има проблеми со препоните и со договор одлучивме да се рехабилитира. Ристовски во катарско првенство има натпревар сред недела и не беше спортски да го викаме и да патува толку голем пат. Среќа голема што повредите на Стоилов и  Георгиевски не се сериозни и ќе отсустваат неколку недели и ќе се вратат на терените – посочи селекторот.

На два и пол месеци од дуелите со Грција во бараж средбите селекторот Обрван смета дека сеуште е рано да размислува за ривалот.

–  Рано е да се зборува за нашиот противник во бараж средбите за мундијалот следната година во Катар. Особено не на ракометарите, а плус и не сме комплетни. Ние повеќе ќе се фокусираме на нас, ќе гледаме што можеме да поправиме и што е добро така да остане. Стручниот штаб на чело со мене повеќе ќе се бави со противникот репрезентативците нема да ги преоптеретуваме – објаснува Обрван.

Хрватскиот стручњак на македонската клупа е свесен дека на дуелите со јужниот сосед ќе проработ и патриотските емоции кај репрезентативците и навивачите.

– Тоа е добро бидејќи тие натпревари ќе бидат после напорните сезони на поголем дел од репрезентативците и од таму ќе црпат мотив повеќе да одиграат најдобро што можат за својата земја. Ние сме фаворити, квалитетот е на наша страна, тоа треба да го потврдиме и на теренот, а со добар пристап ќе немаме проблем – додаде Обрван.

Ракометарот на Металург, Ренато Вугринец по добивањето на дозволата од ЕХФ за настап за Македонија прв пат се појави на подготовки со останатите репрезентативци.

– Сите ги знаеме квалитетите на Кирил Лазаров и нема потреба да се зборува за него. За ангажманот на Вугринец со РФМ се одлучивме да биде од помош на селекцијата. Тој ќе треба да го растовари Лазаров на големите натпревари каде имаме пет или повеќе натпревари за недела дена. Вака со „вуги“ на десната бековска позиција имаме опција плус во нападот а и решение додека некој од помладите ракометари не зачука на вратата од селекцијата – смета селекторот.

Македонските преставници во Лигата на Шампиони, Вардар и Металург ја „здрмаа“ Европа обезбедувајќи пласман во 1/4 финалето.

– Вардар и Металург со пласманот во најдобрите осум во Европа направија многу за македонскиот ракомет и за самата нација. Металург сосема заслужено помина понатаму, а и таму припаѓа бидејќи во двата мечеви ги „стопи“ ладните данци. На Вардар, никој или можеби малку му даваа шанса да го мине Хамбург. Но, тие покажаа дека ако екипата има свој ден и ако некој се потцени може скапо да го чини макар биде тоа и Европскиот првак – потенцираше Хрватот.

Бундеслигашите Флензбург и Кил се последната пречка на Вардар и Металург пред портите од „фајнл фор“.

–   И двете екипи добија тешки противници бидејќи во оваа фаза нема лесен противник. Ќе бидат тешки сите натпревари и ситници ќе решаваат патникот во фајнл фор. По тоа што го видовме во Хамбург од Вардар сите веруваме дека може сешто да се случи. Според мене ќе беше подобро да се сретнаа Вардар и Металург меѓу себе и така македонскиот ракомет сигурно ќе добиеше еден преставник на завршниот турнир – заврши Обрван.

Фото : Емил Јовановиќ

Мх.П.