Корисниците на социјална парична помош до крајот на месецов треба да ја обноват потребната документација за да можат и натаму да го остваруваат ова право.

Ова  е во согласност со Законот за социјална заштита, според кој, корисниците еднаш годишно мора да ја обноват документацијата за да се проверат евентуално настанатите промени во материјалната и семејната состојба на домаќинствата.

Во насока на олеснување на остварувањето на ова право, од корисниците нема да се бара доказ дека не се вклучени во некоја оставинска постапка, туку, тие ќе треба да дадат само изјава пред стручните работници во центрите за социјална заштита. Дококу се утврди дека лицето-корисник на социјална заштита дало невистини податоци, во наредните 24 месеци го губи правото на социјална помош.

Министерството за труд и социјална заштита подготвува нов закон за социјална заштита и социјана сигурност со кој ќе се редефинира системот на парични надоместоци. Во формулирањето на законскиот текст ќе бидат ангажирани меѓународни консултанти во рамките на СПИЛ проектот, кој се однесува на реформирањето на системот на социјална заштита.

Се очекува со новиот закон да се олеснат административните процедури, но и да се воведе софтверско работење и вмрежување на центрите за социјана помош со Министерството за труд и социјална политика и со другите релевантни институции.

Ohridnews