Движењето за реформи во ДПА на градоначалникот на Струга Зијадин Села ја раскина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ што функционираше на локално ниво. Причина за таквиот чекор од општината го наведуваат ставот на  на советниците од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да гласаат за точката со која општина Струга би испратила парична помош во висина од 600 илјади денари за лицата од Куманово чиишто домови беа оштетени во полициската акција против вооружената група.

-Ние сакавме да потврдиме дека сме хумани, но тие не ја поддржуваат точката на дневен ред за доделување средства за луѓето кои имаат потреба од помош и чиишто куќи се разурнати. Затоа денеска ја раскинуваме коалицијата помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ДПА.-изјави Абдула Ќазимоски, претседавач на советот.

Од ВМРО-ДПМНЕ објуснуваат дека не ја поддржуваат предложената точка бидејќи со одлуката не се опфатени семејствата на припадниците на македонските безбедносни сили кои настрадаа во акцијата што беше спроведена во Куманово. 

-Доколку им се дава помош на семејствата чии домови се оштетени во акцијата во Куманово, треба да им се даде помош и на семејствата на настраданите полицајци. Сепак ние како општина немаме голем буџет да се обештетат оние кои биле повредени, но можеше да им се даде помош на семејствата на настраданите полицајци. Затоа ние ќе стоиме на тој став.-рече Перо Петкоски, координатот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Струга.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека потегот на довчерашниот коалиционен партнер бил очекуван, бидејќи нивната советничка група не гласала одредени одлуки предложени од градоначаникот и општината, затоа што истите не биле во интерес на граѓаните. Од партијта на Села, пак, посочуваат дека секогаш кога има тензии во земјата коалицијата на ВМРО ДПМНЕ со партиите на Албанците во Струга не функционира и дека таквата пракса треба да престане. 

Коалицијата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДПА во Струга функционираше две години.

OhridNews