Поради технички проблем објавена е неедитирана верзија на текстот поради што истиот се реобјавува. 

Жителите од селото Црвена Вода, општина Дебрца, најавуваат селско востание, како што велат, “со сите средства” доколку државата, во најитно време, не преземе мерки да го попречи натамошното уништување на локалниот пат, кој самите си го изградиле – со сопствени средства, а ги дале и сопствените ниви и дворови, без никаков надоместок.

Државата, Република Македонија, кон која се обраќаат за спас, според нив, е виновникот, иницијаторот на нивните маки и страдања, со тоа што издава, преку Министерството за економија, концесија за искористување на минерални суровини.

Мештаните, како што наведуваат во писменото обраќање до медиумите и јавноста, бараат спас од ситуацијата  која, како што велат, единствено е по мерка за апетитите на поединци за полнење на личните, односно партиските каси. Сето тоа, велат тие, на нивна сметка, врз нивните маки. Патот од Ново Село до Црвена вода, сега е потполно уништен, речиси неупотреблив и опасен, предупредуваат мештаните.

Откако увидовме, дека во оваа држава царуваат економскиот и политичкиот криминал, не ни преостана ништо друго, освен до Вас, а преку Вас и до јавноста, да го испорачаме последниот крик. Додека Владанка Авировиќ самата си пишува закони за да го спаси синаси од апс, прашуваме – има ли некој во ова држава кој ќе не спаси, нас, мештаните од Црвена Вода – од самата држава? – огорчено прашуваат мештаните.

Како што е познато, пред повеќе од 3 децении, проектиран, пробиен и пошлунчен е локалниот пат во Црвена Вода, на иницијатива на жителите и Месната заедница. Средствата за зафатот ги обезбедиле самите селани, преку самопридонес.

За нивна несреќа, за време на градежните зафати во средината на патот, излезе квалитетен мајдан со чист шљунак, кој со децении се користи при изградбата на станови и други објекти во Охрид и Струга, а во овој момент и при изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Министерството за економија, преку Секторот за минерални суровини, им има издадено концесии за ископ на фирмите “Гранит” и “Бетон” од Скопје, како и “Победа” од Ботун, село во општина Дебрца, посочуваат мештаните.

Ако годишно, според пресметките на самите фирми, се ископуваат од 30 до 50.000 тони, односно просторни кубици материјал, може слободно да се пресмета колкава количина материјал е превезена по патот, до кој степен е тој уништен, додека последиците по животната средина, никој не ги пресметува, велат мештаните. За несреќата да биде уште поголема, камионите кои доаѓаат да се полнат со квалитетен материјал, за да не одат празни, го понесуваат со себе шутот и сметот од Охрид, како “подарок” кон оние на чија несреќа се богатат нивните сопственици, додаваат тие.

Општина Дебрца, во најголем дел, но и Министерството за економија, ги прибираат средствата кои ги уплаќаат концесионерите. Назад за патот не е вратен ниту еден денар, речено народски – ние со СОПСТВЕНИОТ КАМЕН СИ ГО ДОБИВМЕ ПО СОПСТВЕНАТА ГЛАВА! – стои во писменото соопштение.

Мештаните не располагаат со податок колку вкупно средства се уплатени досега во Буџетот на општина Дебрца, односно Министерството за економија. Во секој случај, тие мора да се во висина на денарска противредност од десетици илјади евра, велат тие. Месната заедница и мештаните за тоа немаат никаква информација и отчет, стои во реакцијата.

Уште еднаш укажуваме, последен пат на овој начин, а ако никој повторно не не слуша во општината и државата, ќе не слушне кога, со протест, ќе го затвориме патот. На тоа имаме целосно право, затоа што ние го изградивме патот. – предупредуваат мештаните.

Тие сметаат дека на тој начин ќе ја одбранат честа и на самата држава и институциите, затоа што Република Македонија, со сите нишани е создавана, токму во нивното село, каде во 1943 година е изаден Манифестот до македонскиот народ за омасововуање на антифашистичкото востание, првиот документ печатен на македонски јазик. Тука е формиран Иницијативниот одбор за подоцнежното свикување на АСНОМ, тука е извршен изборот на делегатите за заседанието на АВНОЈ, а со Црвена Вода се поврзува доаѓањето на британската сојузничка мисија, и многу други историски моменти, велат револтираните жители на Црвена Вода.

OhridNews