Кандидатите за претседател на САД, Доналд Трамп и Хилари Клинтон, синоќа се соочија во првата телевизиска дебата на телевизијата NBC News. Новинарот Лестер Холт им поставуваше прашања за домашната и надворешната политика. Во одредени моменти, во 90-минутната дебата, водителот ја губеше контролата дозволувајќи им на претседателските кандидати да влезат во жестоки дуели, пренесува „Макфакс“.

Првото телевизискo соочување на Клинтон и Трамп, започна со жестокото обвинување на Хилари дека Трамп позајмил 14 милиони долари, на што кандидатот на Републиканците одговорил дека неговиот татко навистина му позајмил пари, но многу помалку отколку што тоа го тврди Клинтон и дека тоа се случило во далечната 1975 година.

„Според мојот план, даноците ќе бидат намалени од 35 на 15 отсто…Ќе ја креирам економијата на начин каков не е виден уште од времето на Роналд  Реган“, рекол Трамп.

Хилари му реплицирала дека тој е еден од првите луѓе кои ја предизвикале ткн. станбена криза.

„Тоа се нарекува бизнис“, одговорил Трамп.

На ред потоа дојде и темата за борба против исламскиот тероризам.

„Сите ваши планови и ги кажувате на Исламската држава… Вие се борите против Исламската држава целиот свој живот“, навел меѓу другото Трамп.

Хилари му одговорила дека таа барем има некаков план за борба против исламскиот тероризам и Исламската држава.

„Само зборува, не презема никаква акција“, рекол Трамп, дополнувајќи дека Хилари Клинтон е вистински политичар, односно дека се остава само на зборови.

Кога станува збор за економијата, Трамп оценил дека Хилари нема никаков план за заздравување на американската економија, на што таа жестоко му возвратила.

„Јас напишав книга на таа тема“, рекла Хилари.

На оценката на Трамп дека САД станале држава од третиот свет, Хилари рекла дека една од причините може да е и тоа што Трамп не плаќа данок.

„Јас ќе ги објавам сите мои даночни уплати кога таа ќе ги објави нејзините 30.000 избришани мејлови“, рекол Трамп.

На ова Хилари Клинтон одговорила дека нејзиниот противник ја критикува бидејќи таа добро се подготвила за дебатата.

„Знаете на што уште сум подготвена? Подготвена сум да бидам претседателка на Америка и мислам дека тоа е добра работа“.-возвратила Клинтон.

Хилари истакнала дека нејзиниот противкандидат политичката кариера ја започнал со обвинувањата врз актуелниот претседател Барак Обама дека не е американски државјанин и дека тој во 1973 година бил обвинет за расизам.

Исто така таа истакнала дека Трамп ја поддржал инвазијата на Ирак.

„Тоа не е точно!, викнал Трамп, но Хилари продолжила со изјавата дека Трамп бил еден од оние кои барале американската војска да реагира во Либија. На оваа изјава Доналд Трамп немал коментар.

„Јас за разлика од неа имам победнички менталитет…Јас имам подобар темперамент. Морате да разберете, јас сум бизнисмен, јас имам „здрав разум“. НАТО треба да ни плаќа, ние нив ги браниме“, рекол Трамп.

Според зборовите на Хилари, човек кој може да биде испровоциран од еден твит не би требало да биде блиску до местото каде се наоѓаат кодовите за активирање на нуклеарните бомби.

Додека таа зборувала за подготвеноста за понатамошна соработка со сојузниците, Трамп истакнал дека Америка не може да глуми светски полицаец.

„Јас сакам да им се помогне на сојузниците, но ние тука гибиме милијарди и милијарди долари…Нуклеарното оружје е најголемиот проблем во светот, а не глобалното затоплување како што кажува вашиот претседател…Хилари потроши стотици милиони долари само за да ме дискредитира, тоа не е добро и нема вистина во она што таа го кажува“, рекол Трамп.

Според аналитичарите првиот телевизиски дуел го добила кандидатката за претседател на Демократската партија Хилари Клинтон.

OhridNews
извор: „Макфакс“