Оставка од премиерот, владата и јавниот обвинител, формирање техничка влада која ќе создаде услови да се спроведат фер и демократски избори и институционално решавање на аферата со прислушувањето. Ова го побара лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев на трибината што вечерва се одржа во Универзалната сала во Скопје насловена како „Вистината за Македонија – изборен грабеж“, на која беа објавени нови снимени разговори за наводни изборни манипулации и незаконски дејанија на власта. 

-Секој објавен збор во објавените разговори, се е вистина од почеток до крај. Груевски и Мијалков го урнисале уставниот поредок на државата и создале парадржава. Од овде назад нема, оваа влада повеќе нема легитимитет и не е влада на Р. Македонија. Од името на СДСМ и од име на коалиционите партнери барам владата на Груевски веднаш да поднесе оставка, јавниот обвинител Марко Зврлевски да поднесе оставка, раководниот тим на МРТВ да поднесе оставка. Да се формира преодна влада со мандат да ги обезбеди неопходните услови за спроведување слободни, фер и демократски избори. Обврска на таа влада ќе биде да обезбеди целосно раздвојување на владејачките партии од институциите како основен предуслов за фер избори. Во преодната влада не можат да членуваат лица за кои има сомнеж дека биле вмешани во криминални дејности. Паралелно да почне истрага за скандалот со прислушување. – рече Зоран Заев.

На трибината беа објавени повеќе снимени разговори на носители на јавни функции поврзани со изборниот процес, кои се однесуваа и на изборниот процес во Охрид. Во еден од емитуваните разговори за Охрид се спомнуваат и конкретни имиња на партиски активисти, како и инволвираност на полициски структури. Во друг емитуван разговор се слуша глас на функционер од Охрид. Емитувани беа разговори во кои се зборува за интервенции и проверки во избирачкиот список, обезбедување на гласови од вработени во јавната администрација, обезбедување лични карти за гласачи и друго. Во еден дел од снимките се спомнува и семејството на Тоше Проески, од кое власта не е задоволна бидејќи не ја поддржувале и покрај тоа што, како што беше речено во разговорот,  таа повеќе месеци исплаќала по 3000 евра и изградила спомен куќа од 5 милиони евра. Емитувани беа разговори помеѓу шефот на УБК Мијалков со Муса Џафери од ДУИ и лидерот на ДПА Мендух Тачи. Заев повтори дека снимките ги обезбедиле патриотите на Македонија, на кои, како што рече, треба да им се оддаде почит. 

Во својот говор претседателот на најголемата опозициска партија истакна дека една година против него биле применувани посебни истражни мерки и дека имало обид тој да биде инволвиран во корупциски скандал со лажен поткуп од страна на бизнисмен од Струмица и неговата фирма и дека случајот бил целосно документиран. Претходно денеска, МВР против Зоран Заев, градоначалник на Струмица, поднесе кривична пријава за корупција тешка 200.000 евра.

Заев им порача политичките противници да не помислуваат да прават раздор и црни сценарија за дестабилизација на Македонија. Тој најави дека ова не е финална трибина, ќе следуваат и други, во кои, како што рече, „до крај ќе ја откриеме вистината за Македонија“.

OhridNews