Република Македонија утрово беше цел на терористички напад информира МВР. Четириесетина вооружени лица околу 2.30 ч, утрово ја нападнале полициската станица во селото Гошинце, општина Липково, и заробиле четворица македонски полицајци, кои подоцна биле ослободени.

-Лицата биле добро вооружени, носеле маскирни униформи со ознаки на УЧК. Во нападот биле заробени четворица полицајци кои биле дежурни на караулата. Напаѓачите ги разоружале, тројца од нив врзале со лисици, а еден почнале да го удираат. Истите извадиле камера и го снимале настанот. Лицето коешто ја предводело групата, на Албански јазик преку преведувач кој што говорел лош Македонски јазик со србизми им се обратил на врзаните полицајци со следните зборови: Ние сме од УЧК пренесете на сите дека ниту Ахмети ниту Груевски не може да ве спаси. Ние сакаме наша држава и не сакаме никакви Охридски договори. Повеќе никој не смее да дојде нагоре, доколку вас или било кој друг фатиме повторно, сите ќе ве ликвидираме, по што на полицајците им дале рок од половина час по нивното заминување пеш да си заминат од караултата и им упатиле закана доколку порано го направат тоа или доколку останат истите ќе бидат ликвидирани.-изјави портпаролот на МВР Иво Котески.

Напаѓачите го одзеле оружјето кое го затекнале во караулата и радиоврските и ги искршиле мобилните телефони од полицајците. Еден од полицајците кој не бил врзан ги ослободил колегите по што тие пеш ја напуштиле караулата при што слушнале рафал од автоматско оружје.

Според првичните информации се работи за вооружени лица од Косово.

Поради чувствителноста на ситуацијата и мерките кои се преземаат, Котески истакна дека не може да соопшти повеќе детали за тешкиот инцидент кој ја загрозува безбедноста на државата.

 OhridNews