Од СВР Охрид соопштуваат повеќе детали околу тешката сообраќајна незгода што се случи утрово во 6.45 часот на магистралниот пат Кичево- Осломеј. Според најновите информации, во незгодата десет лица се здобиле со тешки, а десет други со лесни телесни повреди.
– Во сообраќајна незгода учествувале мини бус марка „Мерцедес“ и комбе марка „Фолксфаген“ кои по регионалниот пат се движеле од Кичево кон Осломеј како и едно товарно возило марка „Форд“ што сообраќало од спротивниот правец. Сообраќајната незгода се случила во момент кога мини бусот „Мерцедес“ кој превезувал 18 патници-работници во РЕК „Осломеј“ започнал да врши претекнување на комбе марка „Фолксфаген“ а од спротивната коловозна лента наишло товарното возило марка „Форд“. Притоа се случил удар на страничните леви страни од мини бусот „Мерцедес“ и товарното возило „Форд“ по што мини бусот удрил и во предното лево крило од комбето Фолксфаген“. Овие две возила излетале надвор од коловозните ленти при што мини бусот „Мерцедес“ удрил и во бетонски сид. Товарното возило марка „Форд“ останало на десната коловозна лента во правецот на движење. Со две медицински возила, повредените се пренесени во општата болница во Кичево а потоа и во болниците во Охрид и Скопје, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
На лице место извршен е увид во присуство на јавен обвинител како и полициски екипи од полициската станица во Кичево. За време на увидот, сообраќајот на регионалниот пат не бил во застој, односно се вршеше наизменично пропуштање на моторните возила.
OhridNews