Предлог Одлуката за започнување на постапка за доделување на договор за јавно приватно партнерство за изградба и управување на малото пристаниште преку изградба на марина и туристичко угостителски објект, е првата точка на дневен ред за која ќе расправаат советниците на седницата која ќе се одржи во среда, 14- ти октомври.

Освен за реконструкцијата на малото пристаниште, на седницата  ќе се расправа и за утврдувањето на условите за начинот на градење во населбата Лагадин, за која нема урбанистички план. Дознаваме дека оваа процедура е дел од постапката за изградба на најавената Медитеранска плажа во Лагадин, за што во јавноста има поделени мислења. Овој проект првично беше најавен во отчетот на градоначалникот Бакрачески како капитална инвестиција која значително ќе влијае на развој на туризмот во Охрид. Истата требаше да се реализирана до почетокот на главната туристичка сезона, за подоцна проектот да се пролонгира за месец септември 2015. Локалните жители во меѓувреме покренаа петиција за стопирање на проектот која ја доставија до надлежните институции, кои пак, до сега, официјално не се изјасниле по однос на истата.

Медитеранската плажа според идејниот проект ќе се протега во должина од 500 метри. Ќе содржи сервисен пункт, шанкови, платформи во вода, молови за прифаќање на пловни објекти и спортски игралишта. Покрај песочен дел ќе има и зелени оази, а во цела должина на плажата ќе бидат засадени палми.

Инаку на претстојната седница, пред советниците ќе се најдат и предлог одлуката за давање на користење училишен простор на дневен центар за деца со аутизам и дневен центар за деца со попреченост, донесувањето на буџетскиот календар , утврдувањето на Нацрт детален урбанистички план за дел од Велестово, како и над 20 точки кои се однесуваат на донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградени објекти во општина Охрид.

OhridNews