Охрид го чествува ликот и делото на големиот поет и преродбеник, охридскиот Хомер – Григор Прличев. Воедно се одбележува и годишнината од смртта на Прличев кој се упокои на 6 февруари пред 131 година.

Со звуците на песната „1762 лето“ започна настанот насловен „Стихови и звуци за Прличев“ кој се одржа во Спомен куќата на Григор Прличев.

Пред присутните се обрати заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски кој истакна дека Прличев, бил и ќе остане не само врвна книжевна преродбеничка фигура, туку и човек кој кај охриѓани ја будел надежта и уверувањето за важноста на образованието, богатството на духовната историја, националното будење и културното самоидентификување.

Ваквите манифестации посветени на великаните, каков што е Григор Прличев, се вистинското место гласно да ветиме дека ќе ја продолжиме традиција и секој на свој начин ќе придонесуваме за подобра иднина на својот народ и на Република Македонија. На тој пат водилки треба да ни бидат високопоставените, не само уметнички, туку и етичките и општоцивилизациските вредности на Прличев. Како локална самоуправа која води исклучителна грижа за нашите историски и културни вредности, ја продолжуваме акцијата за печатење на книги со Брајово писмо. Годинава ќе доделиме два примероци на книгата “Гоце Делчев“ од Ванчо Николески, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението на слепи лица од Охрид. Се радувам дека и годинава ќе имаме можност да го чуеме непресушниот македонски талент низ наградените творби на најмладите, инспирирани од делото на охридскиот Хомер. Во тој дух, посакувам да ни се вековити чествувањата на Григор Прличев и да ни се множат литературните остварувања инспирирани од неговото дело, додаде Божиновски.

Во рамки на настанот беа врачени и два примерока од книгата „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески, отпечатена во Брајово писмо, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид.

Овој прекрасен гест на Општината започна минатата година продолжува и оваа, а колекцијата на Брајова азбука ја збогатуваме на овој начин, рече директорот на Библиотеката, Милчо Јованоски.

За жал има корисници, но благодарност и во нивно име затоа што и на нив ќе им се отвори светот и на некој начин ќе прогледаат и ќе разберат што напишал Ванчо Николески за нашиот голем Гоце Делчев, додаде Јованоски.

Во име на здружението на слепи лица од Општина Охрид благодарност за оваа книга на Брајово писмо искажа Миле Пахоски.

Благодарност за грижата, финансиската помош, субвенциите и поддршката на нашето Здружение. Ние членовите на ова Здружение со помош на Брајовата азбука и звучни книги можеме да уживаме во пишаниот збор на поезијата и литературата, додаде.

Портрет од Григор Прличев му беше врачен на заменик градоначалникот Божиновски од страна на Олга Прличева.

Беа наградени и добитниците на првата награда за литературни творби на литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“.

 

Н.С.Ј.
Видео/Фото: Бобан Стојаноски