На денешната прес конференција претседателот на владата Оливер Спасовски информира за новиот сет мерки со кои ќе се даде финансиска поддршка за стопанството и граѓаните.

Меѓу мерките е исплатата на платите на работниците кај работодавачите-баратели на финансиска помош за месеците април и мај 2020 во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник сразмерно на остварените ефективни часови поминати на работа. „Со мерката се поддржува ликвидноста на работодавачите од приватниот сектор, се намалуваат нивните трошоци за плати во функција на заштита на работните места и работниците во услови на криза“, потенцира Спасовски.

Со цел спроведување на мерката ќе биде отворена владина програма за финансиска поддршка на работодавачите погодени од кризата. Работодавачите баратели треба да исполнат неколку услови за да ја искористат мерката, меѓу кои и да имаат најмалку 30% намалување на приходите споредено со сезонскиот просек од 2019, за работодавачите кои вршат сезонска дејност.

Со овие мерки ќе бидат опфатени и медиумските правни субјекти, занаетчиите, фризерите, берберите, пекари и други. Притоа, ќе се субвенционира и 50% од субвенциите за плата.

Засега не се намалуваат платите во јавниот сектор, освен на владините функционери, советници, пратеници, градоначалници, директори на јавни претпријатија.