Според последните информации најмалку 50 луѓе ги загубија животите во налетот на ураганот „Сeнди“, кој синоќа го погоди источниот брег на САД, a бројот на загинати се зголемува од час во час. Жртви има во Њујорк, Њу Џерси, Мериленд, Вирџинија, и Северна Каролина.Една жртва е регистрирана и во Канада. Жена загинала во Торонто – Канада, откако врз неа паднал рекламен билборд. Се стравува дека бројот на жртвите ќе расте.
Улиците на Њујорк се поплавени, а на пристаништето од овој град забележани се бранови високи 9,5 метри! Поради проблеми со електричната енергија евакуирани се околу 200 пациенти од болница во Њујорк, а големи проблеми во внатрешноста од земјата создава снегот кој непрекинато врне од синоќа. Се очекува на места снежната покривка да надмине 1 метар.
Супер бурата „Сенди“ поплави цели градови и населени места, а без електрична енергија се околу 7,5 милиони луѓе. Во Њујорк загинаа најмалку 5 лица, улиците и метроата во градот се под вода, штети има на сите страни. Драматично е во Менхетн каде од налетот на силните ветришта колабираше кран кој опасно виси над градот.
Во градовите каде има поплави се слушаат експлозии од електрична инсталација и трансформатори, што ситуацијата ја прави уште полоша.
Движењето на отворено во местата погодени од ураганот е нешто што најмалку се препорачува. Надвор се само најтврдоглавите и новинарите кои на своја кожа ја почувствуваа моќта на супер бурата.
Ураганот „Сенди“ се очекува да предизвика голема материјална штета. На врвот на листата засега е разорниот ураган Катрина кој пред неколку години го уништи градот Њу Орлеанс и предизвика материјална штета од 46,2 милијарди долари.
„Совршената бура“, како уште се нарекува големото невреме, ја потопи репликата на бродот Баунти. Спасувачите синоќа успеале да пронајдат едно од двете исчезнати лица кои се наоѓале на бродот од кој претходно беа спасени 14-мина патници и членови на екипаж. За жал и покрај напорите на спасувачите лицето починало во болница.
Поради големото невреме исклучена е нуклеарната централа во Њу Џерси.