Во акцијата на Управата за јавни приходи во Охрид спроведена викендов, констатирани биле неправилности во работењето кај 8 угостителски објекти, јави државната агенција „МИА“. Нив им биле изречени глоби и мерка времено затворање во период од 15 дена, поради неиздавање на фискални сметки. Дополнително кај уште два деловни субјекти било утврдено дека се продаваат алкохолни пијалаци без бандероли.

УЈП претходно најави дека поради зголемениот обем на работа ќе врши засилени контроли во туристичките центри, со цел превенција од појава на финансиски малверзации и даночен ризик кај одредени дејности кои се особено активни во екот на туристичката сезона.

Инаку синоќа, УЈП спроведе контрола во Битола, при што во еден угостителски објект бил откриен сомнителен алкохол без бандероли, кој се служел на гостите. За случајот биле известени мобилните царински служби. На два деловни субјекти, пак, поради финансиски неправилности во работењето изречена им е мерка забрана за вршење дејност во траење од 15 дена.

Најавено е дека контролите ќе продолжат во наредниот период.

OhridNews