Екипи од охридскиот Центар за јавно здравје во текот на изминатите два дена вршат вонредно земјено прскање против инсекти. Иако прскањето се вршело со мали прекини, поради дождот, до сега биле запрашени голем дел од површините во градот на местата каде има зголемена појава на инсекти, односно на таканаречената бела пеперутка.

Надлежните во Центарот за јавно здравје велат дека веќе се видливи резултатите од запрашувањето, особено кај белите пеперутки чиј број забележително е намален.

-Возрасните пеперутки ќе бидат уништени со земјеното и авионското запрашување кое следи, но понатамошен проблем ќе претставуваат нивните ларви, за чие уништување, треба мерки да преземе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, вели Атанаско Михаилов, директор на  Центарот за јавно здравје во Охрид.

Тој најави дека теренското запрашување ќе се одвива и вечерва и утревечер, од 21 часот до 6 часот. Како што претходно најави Охридската локална самоправа, со овој вид на запрашување ќе биде опафетено крајбрежјето на Охридското Езеро на потег од село Подмоље до Горица, територијата на град Охрид, приградските населби, потегот на река Грашница, Коселска Река, село Велгошти, крајбрежниот дел пред населбата Св.Стефан и крајбрежниот дел од автокамп Љубаништа до комплекс Св.Наум.

Инаку, како што веќе информиравме, општина Охрид се уште ја нема завршено тендерската процедура за теренско запрашување против инсекти, која е во тек. 

Во текот на изминатата седмица во Охрид имаше вистинска инвазија на бели пеперутки. Во вечерните часови роеви пеперутки ги прекриваа светилките и околните објекти во близина на крајбрежјето, но и во периферните населби. До надлежните институции секојдневно пристигнуваа поплаки на граѓани, а во здравствените установи голем број  пациенти се пожалиле на алергија предизвикана од овој инсект. Проблемот со белите пеперутки беше инспирација за скеч на популарниот јунак Климе на Бранко Огњановски, кој деновиве е вистински хит на интернет.

 OhridNews