Ако по утрото денот се познава, актуелниот собраниски состав најавува исклучително мал капацитет за коректен политички дијалог. Пратениците во првите неколку часа од седницата за избор на новата Влада демонстрираат отворена нетрпеливост, нетолерантност, дури и говор на омраза, употребувајќи во повеќе наврати исклучително вулгарен речник.
Опозицијата жестоко ги критикува персоналниот состав и капацитетите на предложената влада, за која смета дека нема ништо добро да и донесе на земјата. ВМРО ДПМНЕ најави жешка есен и силни демонстрации за симнување од власт на се уште не констутуираната нова власт.
За Александар Николоски од ВМРО ДПМНЕ ова е коалиција на стари кадри кои што немаат што ново да понудат на македонската политичка сцена, која, како што рече, ќе биде срушена на масовни демонстрации кои ќе почнат од оваа есен затоа што капацитет за реализација на ветувањата нема, а народот е излажан.
Според пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО ДПМНЕ, предложената влада ќе биде големо економско разочарувајќи, бидејќи нејзините ветувања се темелат на лаги.
Остар во обраќањето беше и Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ. – Освен што јавноста виде дека сте рекетари и неспособни, сега сте и неписмени – рече Јанушев, забележувајќи дека на осум од новите пратеници не им е верификуван мандатот, на што спикерот Џафери го упати да го прочита членот 60 од деловникот за работа.
Неговиот колега од СДСМ, генералниот секретар на партијата и кандидат за вицепремиер за борба против корупцијата и политички систем Љупчо Николовски, повика на смирување на страстите и коректност во јавните настапи.
Зошто навреди, омраза, желба за поделби уште веднаш? Зар сметате дека вака државата ќе оди напред? Зарем не е подобро да најдеме заеднички јазик и да истуркаме некои работи заедно, да работиме за добро на народот, да имаме некој национален консензус по одредени теми? – реагираше на социјалните мрежи Николовски.
Големи реакции предизвика и обраќањето на пратеникот на Левица Димитар Апасиев. Тој ја обвини власта дека нема политички кредибилитет и дека требало да го врати мандатот веднаш по неуспешниот референдум. -Вие после референдумот требаше да си заминете, да си поднесете оставки цела Влада, а не потоа, да ми извини ЛГБТ заедницата, онака пед..ски да го менувате името на државата. Тој беше опоменат од спикерот Џафери, кој изрази надеж дека пратеникот, инаку универзитетски професор, не користи таков вокабулар на предавањата.
Ништо помалку жестока, дури на моменти со поостра реторика, се одвиваше расправата помеѓу пратениците од ДУИ и коалицијата Алтернатива и Алијанса за Албанците, при што во повеќе наврати мораше да интервенира спикерот Џафери, посочувајќи дека граѓаните ги ценат и оценуваат политичарите и според тоа како ио што зборуваат.
Дел од пратениците реагираа на односот на кандидатите за министри во новата влада, бидејќи на продолжението по паузата најголемиот дел од нив не беа присутни на седницата, на што спикерот Џафери одговори дека услов за работа е да биде присутен предлагачот на точката, а во случајот тоа е мандатарот кој е присутен на седницата.
OhridNews