Како дел од антитерористичката операција против исламистички групи спроведена на повеќе локации во Белгија, две лица вечерва загинаа во престрелка со полицијата во центарот на градот Вервиерс, а уште едно е повредено, јави дописникот на МИА од Брисел.

Се работи за лица што биле набљудувани откако истите се вратиле од Сирија, а истраги и претреси се направени и во Брисел, во бриселската населба Моленбек и во градчето Вилворд. Нивото на будност е зголемено во Белгија поради тоа што биле подготвувани напади во ова Кралство.

Како дел од евиденцијате на федералното обвинителство, судија за антитероризам од Брисел овластил десетина рации во областите на Брисел, Вервиерс и Вилворд, потврди федералниот судија. Претресите биле фокусирани на оперативна единица која вклучувала лица кои се вратиле од Сирија и наводно планирале големи терористички напади врз полицијата на Белгија. Притоа, се наведува дека нападите не морало за цел да го имаат главниот град Брисел.

За време на претресот во Вервиерс, осомничените отвориле оган врз полицијата со пиштоли и калашникови. Пукањето се случило вчера пред 18 часот и траело неколку минути. Осомничените први пукале кон полицајците откако биле обиколени. Притоа, двајца терористи се убиени, а третиот од групата е уапсен, при што за среќа ниту еден цивил или полицаец не е повреден.
 
-Оваа група несомнено имаше план да изврши терористички напади во Белгија – објави изјави федералниот обвинител.

Уште една интервенција на вооружени полицајци се одржа во уште една куќа во Вервиерс во 21 часот вчеравечер, а двајца други осомничени во исто време се  уапсени во градчето Завентем каде се наоѓа националниот аеродром. Претраги се спроведени и во Вилворд, во градот Брисел и во бриселската населба Моленбек, што го потврди градоначалничката на Моленбек, Франсоаз Шепманс, додавајќи дека се спровеле три големи претреси во оваа населба во бриселската метропола.

Премиерот на Кралството Белгија, Шарл Мишел ја следи акцијата од блиску, но не сака засега да коментира. Координативното тело за анализи на закани (ОЦАМ) во Белгија го подигна нивото на будност од второ на трето ниво од можни четири, па дополнителна заштита на безбедносни сили е распоредена пред полициските станици и судовите.
 
Засега, се соопштува дека нема врска на денешните со настаните во Франција и терористичкиот напад на магазинот Шарли, бидејќи според белгиските истражни органи, оваа истрага била отворена уште пред минатонеделните терористички напади во Париз во кои загинаа 17 лица.

OhridNews

Извор:„МИА“