Дваесет и девет годишниот охриѓанец Никола Јакимоски го фати крстот што на празникот Богојавление Водици, денеска, беше положен во осветените води на Охридското Езеро. Тој беше најсреќен помеѓу неколкуте стотини капачи.

Од својата 15-та година скокам по чесниот крст, скоро секоја година и како секој капач нормално имав желба да го фатам. Оваа година крстот ме посака мене. Секогаш е тешко да се капиш во студени води, но желбата да се фати крстот е поголема. Им поскаувам здравје, среќа и љубов на сите. Да бидеме здрави како дрен. Да ги уживаме благодетите на животот. Да бидеме среќни со тоа што го имаме и многу да ни е и радост да ни е, бидејќи со радоста се е поубаво и повесело, рече Јакимоски.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков истакна дека празникот помина во убави временски услови, во убава атмосфера и без никакви проблеми како и секоја година. Традиционално, најсреќниот и оваа година беше даруван. Владиката дебарско-кичевски Тимотеј го даруваше со златен ланец со крст, а градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, во име на општината му подари икона и крст изработен во филигран.

Посакувам здравје, среќа и успех не само на фаќачот на крстот туку и на сите охриѓани и на цела нација. Посакувам една просперитетна 2024 година, токму таква каква што наликува, не заради друго туку затоа што друга опција и друга татковина немаме, рече Пецаков.

Претседателот на ОО Црвен крст Охрид Сашо Точков истакна дека имале само две помали интервенции на извлекување на две деца премрзнати и неколку интервенции на медицинските екипи од посекотини.

Се помина во најдобар ред. Дното е преконролирано уште еднаш, излегоа сите. Немавме нешто посериозно. Благодарам на сите што достоинствено и одговорно се однесуваа и што помина се во најдобар ред. Температурата на водата е 8 степени, прилично студена, но и температурата на воздухот е околу 8-9 степени, така што нема некоај голема температурна разлика, вели Точков.

Традиционално, фаќачот на крстот заедно со неговата тајфа денеска ќе ги посетат домовите на охриѓани честитајќи им го големиот празник Богојавление – Водици.

Настанот на градското пристаниште во Охрид го проследија голем број граѓани од Охрид, земјава и светот.

Одбележувањето на големиот верски празник Богојавление-Водици и годинава се одржува во организација на Дебарско – кичевската епархија и локалната самоуправа, а со поддршка на јавните претпријатија, Црвен крст Охрид, нуркачките клубови, здравствените установи, ТППЕ Охрид, СВР Охрид.

Н.С.Ј./Г.М.

Фото. Б.Стојаноски/А. Момироска