На претседателот на партијата Достоинство, Стојанче Ангелов, синоќа не му било дозволено да гостува во емисија на радиото Канал 103 кое емитува програма од зградата на МРТВ. Обезбедувањето на МРТВ упаднало во независното радио и го легитимирало водителот.

Реагираше самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е запрепастен и згрозен од упадот во програмата и легитимирањето на водителот на емисијата на Канал 103 во МРТВ. Сметаме дека станува збор за директна, груба цензура која компплетно ја соголува драмтичната состојба со слободата на информирањето во МРТВ. Никакви правила и процедури не можат да го сокријат фактот дека на водител на емисија му е оневозможено на најгруб и насилнички начин да ја врши својата работа. На отворен микрофон го слушнавме „обезбедувањето“ на МРТВ како без каква и да е задршка го легитимира водителот и го отстранува од програмата. ССНМ најостро го осудува ваквиот чин и бара одговорност од раководството на МРТВ, како и објаснување чие обезбедување влегло во програма на отворен микрофон, на МРТВ или на приватна компанија за обезбедување?“-стои во рекацијата на ССНМ.

Инцидентот во Канал 103 се случи откако претходно, Ангелов по трет пат се обидел на МРТВ да и ги достави аудио снимките од аферата прислушување што ги објави опозцијата, за да бидат објавени во вестите на телевизијата. Според главниот уредник на вестите, МРТВ не ги објавува аудио снимките од телефонските разговори по препорака на јавното обвинителство.

Ангелов преку социјалните мрежи, денеска, повика на протест пред МРТВ.

Македонската радио телевизија, исто така денеска, испрати демант во кој се негира поврзаност со настанот во Канал 103. Во демантот се наведува дека радиото Канал 103 емитува програма од објектот на Македонската радио телевизија и дека МРТ нема никаква формална, организациска и програмска допирна точка со истото. Телевизијата се огради од вчерашниот настан, посочувајќи дека МРТ, како институција, ниту некој нејзин вработен е дел од вчерашните случувања во радиото Канал 103 за кои информираа медиумите.

OhridNews