Младата охридска легенда Марко Пејчиновски, денеска ќе започне уште еден херојски подвиг, кој го посветува на лицата со ретки болести.

Тој вечерва од Охрид ќе започне исклучително тежок соло пливачки маратон долг 64 километр. Ќе плива до Св. Наум, потоа до Струга и ќе финишира во Охрид утре на големиот христијански празник „Успение на пресвета Богодорица“.

На истиот ден минатата година, тогаш 12-годишниот Марко, во неповолни временски услови исплива од Св. Наум до Охрид и стана најмлад пливач кој остварил таков подвиг, што го сврсти во легендите на овој спорт и на Охрид воопшто, и му донесе бројни награди и признанија.

Подвигот на Марко Пејчиновски е дотолку поголем ако се има предвид фактот дека тој има доживеано инфаркт на коска на долните екстремитети.

Во знак на поддршка на лицата со ретки болести, кои секојдневно бијат маратонски битки за нивните животи, испечатени се специјални маички по цена од 300 денари кои ќе се продаваат на специјален штанд кој ќе биде поставен утре кај градското пристаниште. Средствата од продажбата на маичките ќе бидат донирани на лицата со ретки болести, на кои Марко им го посветува претстојниот подвиг, со цел да се сврти вниманието на јавноста, а особено на општествените чинители кон проблемите со кои се соочува оваа категорија граѓани.

OhridNews