Владејачкото мозинство во Советот на општина Охрид, не го прифати предлогот на опозицијата, на денешната седница да се разгледаат одлуките кои се однесуваат на Плаошник и Студенчишкото блато. 

Опозициските советници ја обвинија локалната самоуправа дека нема слух за барањата на граѓаните.

-Она за што градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО ДПМНЕ тврдеа дека нема да го прифатат во нивната програма, денес сме сведоци дека не само што оваа локална и градоначалникот немаат слух за барањата на граѓаните, туку напротив видовме дека ниту еден советник од ВМРО ДПМНЕ не излезе со став зошто не ја прифаќа оваа точка. Како опозициски советници ќе продолжиме и понатаму да се бориме, а се надеваме дека оваа точка ќе биде дел од дневниот ред за наредната седница на советот, изјави Дејан Блажески, советник на ЛДП.

Тој јавно ги повика претставниците на Хидробиолошкиот институт, Завод и музај, Еколошките друштва и Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски да присуствуваат на наредната седница на Советот на општина Охрид.

Кооринаторот на советничката група на СДСМ Јован Стојаноски појасни дека ќе ги искористат сите деловнички процедури за да оваа точка биде дел од дневниот ред на Советот на општина Охрид.

-Доколку оваа точка не биде ставена на дневен ред за наредната седница, ќе го искористиме нашето деловничко право, ние како советничка група да свикаме седница на која ќе ја поставиме оваа точка, бидејќи ова е дефинитивно суштинска точка за животот на граѓаните на општина Охрид. Ова не е политичко прашање ова е суштинско прашање за кое што советничката група во континуитет се бори од отпочнувањето на својот мандат, рече Стојаноски.

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески рече дека сите одлуки во делот на урбанизмот се носат преку транспарентна постапка.

-За сите урбанистички планови кои што се носат на ниво на општина Охрид има еден вообичаен законски утврден тек и регулатива од постоечките закони за просторно планирање, законите за градење кои што ние имаме обврска да ги почитуваме, а кои опфаќаат многу фази до нивното донесување во кои се вклучуваат голем број институции кои дават согласност, а она што е наша обврска е да ги почитуваме пинципите, да ги почитуваме законските прописи. Се она што се носи како урбанистичко решение во Охрид ја следи постапката односно законската регулатива. Јас не знам од каде е тој впечаток дека во општина Охрид прекумерно или неадекватно се урбанизира, изјави Бакрачески.

Инаку како што е познато, неодамна на лицитација за околу 166.000 евра беше продадена парцела од 201 метар квадратен под Плаошник, на фирмата „Инвест Билдинг“ од Скопје. На просторот на Студенчишко блато, пак, кое е составен дел од екосистемот на Охридското Езеро, се планира изградба на туристичка развојна зона со марина и други пропратни содржини, за што во тек е процедура за измени во Генералниот урбанистички план. Истиот предвидува  можност за заштита на помал дел од блатото.

Исто така неодамна беше презентирана стратегиската оцена за влијание на животната средина на ГУП, што ја изработи Градежниот институт Македонија, во која се предупредува на можните негативни последици при евентуална реализација на предвидените проекти во Студенчишко блато.

OhridNews