Советот на општина Охрид по неколкучасовна жестока расправа, не ја усвои одлуката предложена од локалната самоуправа за поништување на постапката по огласот за воспоставување на договор за јавно приватно партнерство за модернизација, проширување и одржување на системот за јавното осветлување на општина Охрид, која беше донесена на минатата седница.
За предлогот гласаа 11 советници на мнозинството, еден беше против, а седуммина советници беа воздржани.
Градоначалникот Никола Бакрачески барањето за поништување на одлуката за ЈПП за јавното осветлување ја образложи со економски причини.
-Знаете во каква финансиска ситуација е општина Охрид и секој денар е значаен, кога би биле во подобра финанскиска состојба поинаку би размислувале. Секој еден процент повеќе кој општината би го добила при повторен тендер за нас е добредојден. Направивме дополнителна инспекција на системот и заклучивме дека никогаш тој не бил во подобра кондиција од сега, во споредба со изминатите години, што ни дава можност при повторена постапка да добиеме повеќе средства како општина. Основна цел зошто бараме поништување е со евентуално нова постапка да добиеме поголем процент од вкупната сума што понудувачот би ја оставил од комунална такса на градот, бидејќи за нас секое зголемување на тој процент е драгоцено. При повторување на постапката стартна позиција ќе биде 22.22 проценти за општината од комуналната такса.– образложи Бакрачески.
Одговарајќи на прашањата на советниците зошто тогаш мнозинството воопшто донесе одлука за ЈПП на минатат седница, Бакрачески рече дека тоа била законска обврска, посочувајќи дека целата постапка и изборот на јавниот партнер, инаку компанија од Чешка, била транспарентна и чиста.
Независниот советник Павел Попоски, кој единствен гласаше против, истакна дека нема да го повлече веќе дадениот глас на минатата седница, затоа што постапката била спроведена согласно закон.
-Како локалната дојде до нови сознанија во меѓувреме за да се поништи одлуката, кога тврдеше дека е тоа најдоброто решение за градот. Општината бара да се укине постапка која е спроведена чисто на јавен тендер и не гледам зашто не се јавиле повеќе понудувачи. Кој ни гарантира дека ќе добиеме повеќе понудувачи доколку ја повториме постапката? Дали сте прошетале низ Охрид и сте виделе какво е осветлувањето во градот? Ако не, да направиме комисија и да прошетаме заеднио. На зима ли ќе правиме осветлување? Тоа значи дека Охрид ќе ја дочека туристичката сезона со катастрофално осветлување?-беа дел од прашањата на советникот Попоски.
Координаторот на опозицијата, Јован Стојаноски, потсети на ставот изнесен на претходната седница, повторувајќи уште еднаш дека општината прави грешка што јавното осветлување го дава под концесија, кога може самата да го модернизира со кредит од комерцијалните банки.
-Нема банка која нема да го одобри овој проект. Но сега, откако е направена физибилити студија, се објави тендер се искаравме и направивме трошоци, а ќе има и дополнителни трошоци бидејќи фирмата од Чешка ќе бара пенали, јавноста треба да знае дека причината заради која се отфрла одлуката е заради добрата состојба на јавното осветлиување во градот. Кои се тие извршени дополнителни иснпекции, како ја снимиле ситуацијата за еден месец? Да ни се приложат релевантни податоци и параметри за да може да утврдиме колку е тоа подобрено. – рече Стојаноски.
По ова за збор повторно се јави градоначалникот Бакрачески, кој посочи дека голем дел од документацијата за јавното осветлување од минатата локална самоуправа или не постои или е сосема изменета и не може да се добијат релевантни бројки за да се направи компарација.
-Ако имате банка или сигурен финансиер би ве замолил да го донесете да разговараме во општината. Не верувам дека има банка која би ја кредитирала општина Охрид со блокирана сметка и дневна камата по основ на дел од долгот од 14.000 евра. – додаде Бакрачески.
Бурната расправа која често беше прекинувања со дофрлања од место, ја продолжи советникот од ВМРО НП Јоне Станкоски, за кого исто така е нејасно зошто локалната самоуправа само пред еден месец ја уверуваше јавноста дека отпочнатата постапка за јавно приватно партнерство е најповолна.Тој предложи општина Охрид да се повлече од идејата за јавно приватно партнерство и да се обврзе дека во наредниот период со сопствени средства ќе се грижи за јавното осветлување и истото нема да биде предмет на концесија, но неговиот предлог не беше прифатен од предлагачот.
Според советникот Дејан Блажески од ЛДП, смешно е да се тврди дека ниту една банка не би се нафатила да финансира ваков проект.
-Како не е блокирана сметката за приватниот партнер? Вашата советничка група беше против ЈПП и ги бојкотираше таквите расправи во минатиот состав на советот, лицемерно е сега да асе залага за такви проекти. – рече Блажески.
Критики упати и советничката Оливија Пирузева Јанева.
-Вие изигравте топло ладно со граѓаните. Донесовте една одлука за која велите дека сте имале законска обврска, но можевте да не ја изгласате. До пред две недели ги уверувавте граѓаните дека до сега немало ваква чиста постапка, презадолжена била општината, па и пред еден месец велевте дека е презадолжена. – рече советничката Јанева.
Советникот од владејачкото мнозинство Климе Шешов ја искритикува опозцијата за неконструктивност.
– И минатиот пат ви кажав, не знаете што е ризик во бизнисот. Ќе направи, ќе дотераме, само со ќе. Изготвена е соодветна физибилити студија и не може да се каже дека за некој ситни интереси се поништува тендерот, може да се земе кредит од банка…, па кажете кои се тие банки, донесете. Опозцијата секаде работи заедно со позицијата во интерес на градот, а вие работите против народот.-рече Шешов.
-Општината има стручни служби и раководители кои треба да менаџираат и да изнаоѓаат решенија и кредитори, тоа не е работа на советниците, тие се тука да укажат и да советуваат.-возврати Стојаноски.
Советникот Љубомир Чаулев, рече дека опозицијата изнесува паушални податоци за состојбата со јавното осветлување, посочувајќи дека единствено релевантни се мерливите податоци за потрошена електрилна енергија.
Градоначалникот Бакрачески кој одговараше на сите поставени прашања, на опозцијата и предочи дека општината само ги почитува мислењата на експертите и изнесените препораки во физибилити студијата.
-Моделот на ЈПП се посочува како најдобар и тоа го поддржуваме.– додаде Бакрачески.
Откако предложената одлука за поништување на постапката по огласот за воспоставување на договор за јавно приватно партнерство за модернизација, проширување и одржување на системот за јавното осветлување на општина Охрид, не помина, седницата на советот беше прекината.
Г.М.