Со 12 гласа за и 9 против советот ја изгласа предлог одлуката за започнување на постапка за доделување на договор за јавно приватно партнерство за изградба и управување на малото пристаниште преку изградба на марина и туристичко угостителски објект. Против гласаа советниците од опозицијата и двајца советници од ВМРО- ДПМНЕ, а останатите присутни дадоа зелено светло за предлог одлуката.

Според опозицијата, советот гласаше за изградба на угостителски објект, во чија близина ќе може да се паркираат дваесет пловни објекти, простор на кој привилегија да пристапат ќе имаат само одреден број луѓе, а дека за охриѓани тоа ќе значи губење на уште еден слободен простор од крајбрежјето.

Јавноста треба да знае дека општина Охрид може да склучи договор за јавно приватно партнерство со приватен партнер кој ќе обзбеди извршување на јавни услуги во корист на крајните корисници. Држење на ресторан кој не е ни урбанистички предвиден на таа локација не може да биде јавна услуга, јавна услуга е јавна марина на која ќе се паркираат пловни објекти. Ако некој смета дека треба да се потрошат 100 милиони денари за изградба на марина на која само 20 пловни објекти ќе се паркираат нека и објаснат на јавноста дека сме ние толку богати и вложуваме толку пари за паркинг места за 20 објекти, вели советникот Јован Стојаноски.

Според советникот Јоне Станкоски, не станува збор за враќање на локацијата на граѓаните како плажа со оглед на тоа дека ќе се паркираат пловни објекти кои ќе ја загадуваат водата.

Советникот Дејан Блажески со став дека изградба на кафеана не е јавно добро.

Се замајува јавноста со изградбата на марина, а вистината е дека денешната одлука се носи за изградба на кафеана во која ќе може да дојде оној кој има пари. Друго би било доколку се иврши само партерно уредување на просторот, смета Блажески.

На идните генерации ќе им оставиме унаказена и узурпирана природа, господ подарил нешто многу убаво, а ние ќе градиме бетони на сред езеро. Експертите упорно предупредуваат, но не се слушаат бидејќи некому тоа не му одговара, рече советничката Оливија Пирузева- Јанева.

За советниците од позицијата ваквите обвинувања се неиздржани, тврдејќи дека запуштеното со години пристаниште конечно ќе биде реконструирано и дека охриѓани ќе добијат уште еден атрактивен комплекс со кој ќе се гордеат.  

Зошто опозицијата секогаш е со негативен став за се што се прави за Охрид? Овде зборуваме за нешто што е руинирано и што се сака да се направи, рече советникот од ВМРО- ДПМНЕ, Климе Шешов.

Пристаништето ќе добие нов и модерен лик со што ќе стане нова туристичка атракција, смета советникот Илија Арнаудоски.

Секретарот Димитар Спасески потенцира дека избрано е идејно решение кое граѓаните имале можност да го видат.

Согласно студијата овој дел ќе биде уреден и што е најважно пристаништето ќе биде безбедно за сите посетители. Ќе има можност идниот партнер да изгради модерен и луксузен ресторан кој ќе може охриѓани и гостите да го користат, а како јавна добивка ќе биде новата плажа која ќе никне на тој дел и ќе може слободно и бесплатно да се користи, вели Спасески.

Спасески додава дека согласно избраниот модел партнерот ќе може да стопанисува со просторот во период од 20 години за кога е одредена најниска закупнина, а приватниот партнер ќе вложи во изградба на инсталациите, платформа на која ќе има плажа, ресторан. Партнерот ќе има обврска на општина Охрид да и плаќа надоместок, кој не може да е помал од 10% од вкупниот приход кој ќе го остварува.

 

Т.К.