Состојбата на тројцата пациенти со коронавирус во Охрид, за кои претходно институциите соопштија дека се двајца жители на градот и еден од Скопје, е стабилна, изјави попладнево на прес конференција министерот за здравство Венко Филипче.
Министерот за здравство истакна дека, поврзано со овие случаи, во моментов во изолација се десет лица кај кои ќе се извршат тестирања откако ќе помине периодот на инкубација, кој кај нив се уште трае.
Филипче информираше дека од 12 нови случаи на коронавирус регистрирани денеска до пладне во земјата, една пациентка е на респиратор, а шест со потечка клиничка слика. Петмина од новозаразените се од Куманово, меѓу кои и медицински персонал (двајца доктори и eдна медицинска сестра) од кумановската болница, каде почина една пациентка од вирусот Ковид 19, поради што ќе се преземат дополнителни превентивни мерки во овој град.
Во Куманово ќе се укине целосно меѓуградскиот и градскиот превоз, ќе се затворат сите продавници во полуотворените центри, а Институтот за јавно здравје ќе преземе дополнителни и засилени мерки во Куманово и околината, бидејќи едно од заразените медицински лица живее во околината на градот. – рече Филипче.
Министерот за здравство најави дека утре на Главниот координативен кризен штаб ќе се разгледуваат дополнителни мерки и ќе се разговара за моделирање на начинот на движење за време на викендот.
Филипче објави дека е одобрена комбинацијата за пациентите заболени од коронавирус хлоркинин (лек за маларија) и азитромицин (Сумамед), која што се покажала како успешна во одредени земји. Истата ќе се дава само кај одредена група на пациенти, не кај сите, строго под надзор и со одобрение на доктор, посочи министерот за здравство.