Собранието по бурната синоќешна расправа, утрово продолжи со работа со разрешување на техничката министерка за труд и социјала од редовите на опозициската ВМРО ДПМНЕ, Рашела Мизрахи. Причина за разрешувањето на Мизрахи, како што беше образложено, е непочитување на Уставот и законите и нејзините јавни настапи во кои користеше табла од министерството со кое раководеше, со старото име на земјата, што предизвика дипломатски реакции кај јужниот сосед.

На денешната седница Собранието со 75 гласа „За“, ги усвои измените во Изборниот законик предложени од ДУИ, со кои општините Дебар и Маврово Ростуше од 6 се селат во 5 Изборна единица. Причина за тоа е што 6 ИЕ го надминуваше законскиот праг од 5% во разлика во бројот на гласачи во однос на другите изборни единици.

Собранието попладнево треба да гласа за Законот за Јавно обвинителство откако синоќа спикерот Џафери го одложи гласањето бидејќи власта го немаше потребното двотретинско мнозинство.

OhridNews