Делегација на општина Охрид предводена од претседателката на Советот , Гордана Коњановска денес положи свежо цвеќе пред спомен плочата на Марко Бошњаков, по повод годишнина од неговата смрт.

Пред спомен плочата на Марко Бошњаков, пред неговата родна куќа, свежо цвеќе денес положи и делегација од општинската СДСМ.

– Неговите дела, идеали и верувања останаа врежани во колективното сеќавање на охриѓани и се вечна инспирација за сите генерации на нашиот старозамански град, потенцираат од ОО на СДСМ.

Охриѓанецот Марко Бошнаков беше еден од неколкумината кои ги преживеаа Солунските атентати изведени од групата млади македонски патриоти наречени солунски атентатори. Тој беше заробен од аскерот во Солун и осуден на смрт. Смртната казна му беше заменета со доживотна робија што ја отслужуваше во тогашниот злогласен затвор Музрул во Африка, каде и умре на 27 февруари 1908 година, само неколку месеци пред да се прогласи амнестијата од страна на Младотурците. Марко Бошњаков во својот претсмртен час на неговите другари Павел Шатев и Ѓорѓи Богданов им оставил аманет „Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи и со главата“.

Единствените преживеани гемиџии, Шатев и Богданов го исполниле аманетот на Бошњаков така што ја отсекле главата од беживотното тело на Бошњаков и ја донеле во неговиот роден град.

OhridNews