Се обработуваат седум нови материјали од пациенти од Охрид, Штип, Куманово, Тетово и Кичево, поради сомневање за заболување со коронавирус, информира на предмалку одржаната прес конференција министерот за здравство Венко Филипче. Станува збор за лица кои престојувале во Швајцарија, Австрија и Германија и кои по неколку дена од враќањето развиле висока температура. Лицата сега се наоѓаат во изолација.
На денешниот прес Филипче информираше и за две родилки во Охрид кои биле донесени од Дебар. Едната е препратена во Скопје, а другата се наоѓа во изолација во охридската Општа болница, рече тој. Двете се во стабилна состојба. Не се пред породување, но се преземаат мерки за нивното здравје.
Од охридската Општа болница, информираат дека една пациентка е задржана на Одделението за гинекологија и дека при постапувањето со неа биле почитувани потребните процедури на заштита, како на персоналот, така и на пациентите. Таа дошла во петокот од Дебар, а претходно била извршена епидемиолошка анкета на неа и нејзиното семејство. Тврдат дека врз пациентката бил извршен и тест за корона вирус кој е негативен, како и дека кај неа поминал периодот на инкубација на вирусот од 14 дена. И покрај тоа, таа е сместена во посебен одел на Гинеколошкото одделение. Дополнуваат дека трудницата е во роднинска врска со заболените од Дебар, меѓутоа немала никаков контакт со истите. Апелираат да не се шират дезинформации на социјалните мрежи и лажни вести, затоа што негативно се одразува на ионака чувствителната ситуација.
Министерот Филипче, пак, на денешната прес конференција упати апел до граѓаните за строго придржување до препораките дадени за заштита од ширење на коронавирусот.
Во однос на расположивите респираторни машини во земјава, Министерот Филипче информира дека во моментов Македонија располага со 120 апарати, од кои најголемиот број се во клиниките во Скопје.
- Денес на состанок со директорите на клиниките донесовме повеќе одлуки, меѓу кои и дека цел медицински персонал во сите јавни здравствени установи, но и во приватните, се мобилизираат и се ставаат на располагање согласно планот за делување. Доколку е потребно ќе бидат повикани да работат во здравствената установа каде ќе биде потребно, рече Филипче.
Инаку, 15 пациенти на Клиниката за инфективни болести во Скопје се во стабилна состојба, освен една пациентка од Дебар која е приклучена на респираторна машина.
OhridNews