На вонредното Собрание на Ракометниот клуб Охрид, што се одржа денеска, избрани се нови членови на бордот на директори на спортскиот колектив кој е акционерско друштво, во кое мнозински удел има Општина Охрид.

Собранието најпрвин ги констатира оставките на досегашниот извршен директор на бордот на директори на клубот Љупчо Танески, кој останува да биде член од редовите на општината, како и на членовите Сашо Донев, Ристе Мишев и Тони Ивановски. За нов извршен директор избран е Игор Бежоски, актуелен секретар на Општина Охрид.

Во изјава за OhridNews, Бежоски изрази благодарност за искажаната доверба, посочувајќи дека не се работи за целосно нова управа, тука за реорганизација во која има промена само на тројца членови од редовите на основачот.

-Членовите од бизнис секторот остануваат исти. Прва задача како нова управа ни е скенирање и стабилизирање на состојбата од финансиски, технички и спортски аспект. Откако ќе направиме ревизија на состојбата ќе ги прецизираме понатамошните чекори. Исто така, цел ни е заедно со играчите и стручниот тим успешно да ја завршиме натпреварувачката сезона и по можност да обезбедиме излез во Европа. – рече Бежоски.

Додаде дека фокус во иднина ќе биде ставен на работењето со младинските категории со цел да произлезат повеќе играчи кои ќе ги бранат боите на РК Охрид.

-Подмладокот е основа на секој клуб на кој планираме во иднина да ги поставуваме темелите на постоењето на РК Охрид. Општина Охрид и понатаму останува еден од главните финансиери и помагатели на клубот за што одвојува значителен износ на средства од Буџетот со што се овозможува финансиска подлога за нормално функционирање на клубот. Меѓутоа, ја користам приликава да ги повикам и сите љубители на спортот во Охрид, особено бизнис секторот да помогнат во границите на нивните можности со цел овај спортски клуб и во иднина биде најдобар спортски клуб на територијата на Општина Охрид. Да помогниме сите заедно да направиме спортски бренд од РК Охрид. Охрид заслужува да биде спортски град. Целта е РК Охрид да остане стабилен прволигаш со редовно учество во плејофот и излез на евросцената. – истакна Бежоски.

Инаку, за претседател на РК Охрид избран е Горан Лекоски од редовите на локалната самоуправа. Нов член на бордот, исто така од општината, е Горан Недески.

Новото раководство, односно борд на директори на РК Охрид кој брои седум члена, го компелтираат Димитар Василески, Христијан Колески и Виктор Илоски, од редовите на спонзорите и помагатели на клубот.

OhridNews