Повеќе од 80 луѓе се убиени, а над 120 се ранети во двете експлозии кои одекнаа утрово околу 10 часот на излезот од главната железничка станица во турската престолнина Анкара, објави министерството за внатрешни работи во новите податоци кои предизвикаа гнев кај демонстрантите поради што полицијата морала да пука во воздух, пренесуваат агенциите. Ранетите се префрлени во неколку болници во Анкара по експлозиите коишто одекнаа откако на железничката станица се собираа луѓе на повик на синдикатите и невладините организации кои требаа да одржат мирен протестен марш во главниот град на Турција.

Демонстрантите кои пристигнувале на повикот на опозициската левица и се собрале поддржувачи на Демократската народна партија (ХДП), извикувале „полицајци убијци“ додека безбедносните сили ги смирувале и пукале во воздух, пренесува АФП. Функционери на турската влада изјавија претходно дека станува збор за терористички напад, и оти ги истражуваат наводите на очевидци дека за нападот се одговорни најмалку двајца бомбаши-самоубијци. Турскиот премиер Ахмет Давутоглу точно напладне го започна состанокот со министрите за внатрешни работи и за здравство, со главните луѓе на Анкара и со шефовите на безбедносните служби.

Планираниот марш требаше да се одржи под мотото „Труд, мир, демократија“ во знак на протест против разгорениот конфликт меѓу турската држава и забранетата милитантна организација Работничка партија на Курдистан (ПКК) ви југоисточна Турција. Насилствата меѓу турските безбедносни сили и герилците на ПКК избувнаа во јули по неколку инциденти по што Анкара започна со воздушни напади врз герилските кампови во источен Ирак, под изговор дека мора да се брани од герилските напади на курдските сепаратисти. Во овие судири на двете страни загинаа над илјада луѓе, и со што дефинитивно се урнаа обидите за постигнување примирје меѓу двете страни по бунтот на ПКК започна во 1980-те година во кој досега загинаа околу 40 илјади луѓе.

Денешните напади се случија три седмици пред парламентарните избори во Турција, која е во неповолна ситуација и затоа што на југоистокот од земјата ѝ се закануваат екстремистите од сунитската терористичка организација Исламска држава којашто освои големи делови од соседните Сирија и Ирак.

 

OhridNews
извор Макфакс