Нов вид авантура и еден сосема поинаков начин на другарување со природата и доживување на особено атрактивните панорамски вредности на Националниот парк „Галичица“ ќе понуди првата Виа ферата во Националниот парк „Галичица“ која свечено ќе биде отворена во понеделник во излетничкото место „Корита“ од 08:30 часот.
До Виа фератата, се стигнува од излетничкото место „Корита“, по лесна пешачка патека во должина од 1,2 километри и просечно времетраење од 30 минути. Почетната точка на фератата се наоѓа на 1.465 мнв, а највисоката точка која се достигнува е на 1.685 мнв. Вкупната должина на Фератата изнесува 535м, од кои 145м се искачување на вертикални карпи, соодветно опремени со скалила, а останатиот дел, е пешачење по експониран терен, обезбеден со безбедносна сајла, во континуитет по целата должина. Вертикалните делови се поделени во три сегменти, со должини 40м, 52м и 53м, а меѓу нив има опции за безбедно излегување од фератата и спуштање надолу по лесна пешачка патека. Најкомплексен и најтежок сегмент е последниот, после кој фератата продолжува по екпониран планински терен во должина од 210м, се до нејзиниот крај, од каде по лесна планинарска патека, се спушта до почетната точка и до излетничкото место Корита, вели Антонио Додевски, претседател на Алпинистички клуб Патагонија Охрид.
Додава дека името на првата Виа ферата во Националниот парк Галичица е „Доброја“, локален назив за растението Питома Фоја (Juniperus foetidissima), која е особено карактеристична за повисоките делови од Националниот парк. Името доаѓа од еден интересен примерок на ова растение, кое посетителите имаат можност да го видат веднаш покрај самата линија на фератата, вели Додевски.
Во рамките на одбележувањето ќе биде свечено откриена информативна табла со податоци за Виа фератата.
Виа фератата е изработена со финансиска поддршка од ПОНТ (Prespa Ohrid Natural Trust), во рамки на проектот „Авантуристичка зона во Националниот Парк Галичица“.
OhridNews