Анализите кои на барање на Дирекцијата за храна пред два дена ги извршил Регионалниот центар за јавно здравје од Охрид покажале зголемено присуство на бактерии во водата од градскиот водовод во Струга.

-Во водата од градскиот водовод во Струга пронајдена е бактерија „ешерихија коли“ и други колиформни бактерии, поради што Дирекцијата за храна како надлежна институција донесе забрана за употреба на водата за пиење.-ни изјави во телефонскин разговор раководителот на Центарот за јавно здравје во Охрид Атанаско Михаилов.

Од Дирекцијата за храна вечерва потврдиja дека е изречена забрана за користење на водата за пиење само во Калишта и дека било побарано од градските власти да издадат предупредување до граѓаните за тоа. Засега не се прецизира дали вакви проблеми има во водоснабдителниот систем во целата општина.

Граѓаните на Струга се затекнати и велат дека нив никој не ги известил оти има проблеми со водата за пиење, за што се информирале од социјалните мрежи, каде можат да се забележат предупредувања од жители на Струга кои споделуваат информации дека повеќе лица изминатите денови се пожалиле на стомачни проблеми.

Од болницата во Струга, пак, изјавија дека вчера и денес кај нив немало зголемување на бројот на пациенти со симптоми на диареа и повраќање.

OhridNews вечерва ги контактираше и надлежните во Водовод Струга кои го потврдија случајот. Во телефонски разговор одговорното лице Аднан Речи, истакна дека анализата направена на мостри од градскиот водовод во Струга пред два дена покажала бактериолошка неисправност, и дека тоа се должи на недостаок на хлор, без притоа да посочи колкав период состојбата била таква. Речи вели дека веднаш реагирале и ги набавиле потребните хемиски средства, по што вчера било извршено прочистување на градскиот водовод. Тој тврди дека  состојбата сега е нормализирана и водата од градскиот водовод во Струга е исправна за пиење.

Јавноста во Струга очекува објаснување од надлежните институции и јавното претпријатие Водовод, што точно се случува и доколку има зошто не е информирана за проблемите со водата за пиење, со што, според неа, во опасност се доведува здравјето на граѓаните.

Г. Момироски