Ковид 19 влијае и на традицијата. Поради пандемијата од коронавирусот, празникот Голема Богородица кој традиционално најсвечено се одбележува во Скребатно, охридско, ќе мине без масовен собир и заеднички ручек на верниците на отворено. Празнувањето ќе мине со засилени безбедносни мерки, а за редот ќе се грижат редарски служби.
Со цел безбедно одбележување на големиот православен празник Успение на пресвета Богородица- Голема Богородица на целото подрачје, и СВР Охрид презема низа мерки за обезбедување, пред се, на оние места каде традиционално има поголема посетеност од верниците.
Планирани се мерки за обезбедување на собирот во селото Скребатно со физичко присуство на полициски службеници, кои, ќе се грижат и за доследна примена на безбедносно-здравствените препораки од Владата како и од Центарот за јавно здравје, за носење заштитни маски и одржување на социјална дистанца на просторот пред и во црковните објекти. Овие но и други останати мерки, СВР Охрид ги презема по претходна средба со претставници на Црковниот одбор на црквата „Св.Богородица“, според кои, одредени се лица во состав на редарската служба за навремена дезинфекција на црковните простории и кои ќе внимаваат да нема поголемо групирање на верници.- информира СВР Охрид.
Поради актуелната состојба со коронавирусот, годинава во Скребатно нема поставување шатори и кампување на црковниот имот, нема музичка програма и нема да се дели јадење на црковните ливади.
До верниците упатуваме апел за достојно одбележување на празникот и строго придржување до безбедносно-здравствените протоколи и другите предвидени насоки на организаторот поврзани со одржување на верски собири и почитување на насоките на полициските службеници. – порачува органот на редот и мирот.
OhridNews