Пожарот што изби попладнево во подножјето на Националниот парк Галичица, во близина на далноводите над 110-киловолтната трафостаница, е целосно под контрола, информираат од Секторот за пожари при НП Галичица, кој раководи со акцијата за гаснење на огнот кој зафати борова шума и сува трева. Оттаму додаваат дека пожарот е целосно локализиран и 80 проценти ликвидиран, но тој будно ќе се следи и во текот на вечерта.
-Пожарот изби на две локации. Зафатена е борова шума и сува трева, што го отежнува гаснењето на огнот. Состојбата е под контрола и место за паника нема. – изјави за OhridNews Наумче Новески, раководител на секторот за пожари при НП Галичица.
Новески истакна дека можеби уште утре на терен ќе излезе јавен обвинител со истражна екипа за да ги утврди причините за пожарот.
Покрај стручните служби во справувањето со кризата несебично се вклучија и волонтерите на Црвениот крст, како и граѓани. Местото на пожарот попладнево го посетија градоначалникот на Охрид и секретарот на општината, кои се запознаа со состојбата на теренот.
Во текот на ноќта околу главните жаришта ќе бидат поставени дежурни екипи под целосна опрема, кои ќе ја следат состојбата со пожарите во подножјето на НП Галичица.
Г.М.