Во специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ повторно е во функција базенот кој служи за рехабилитација за пациенти, кои се оперирани или се лечат во болницата. Целиот потфат за реновирање за базенот кој не работел повеќе од 10 години чини 8 милиони евра.

Ние како министерство среќни сме што успешно заврши проектот со кој специјализираната болница во Охрид повторнo доби функционален базен. Ние во рамките од нашите можности помагаме секаде каде што можеме. Не само во здравството, туку во сите области. Базенот има нов систем за загревање, котлара, нова дограма, а целиот објект сега е и енерегетски ефикасен, – изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава изрази одушевување од работата на болница и енергијата која владее во целиот комплекс.

Ми се допадна како изгледа објектот, а најмногу впечаток ми остави природноста на базенот. Швајцарија е земја која многу внимава на животната средина, но добро е секогаш да се помогне и во здравството. – изјави Амбасадорката.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека болницата „Св. Еразмо“ е единствена во нашата земја со базен во склоп на болницата, што ја прави уникатна.

Ова е значаен момент за оваа болница. Таа години наназад е позната по својата експертиза, знаење и специфичен здравствен третман кој го нема никаде во Македонија, – изјави Филипче.

Градоначалниците на Охрид и Струга, Константин Георгиески и Рамиз Мерко изразија голема благодарност до сите чинители, кои помогнаа Специјализираната болница „Св. Еразмо“ повторно да добие базен.

Специјалната болница за ортопедија и трауматологија “Свети Еразмо” е ризница на квалитет, хуманост и стручност веќе седум децении и е вистинска гордост за нашиот здравствен систем. Реконструираниот базен за физикална терапија значително ќе придонесе за подобрување на условите за третман на пациентите и е од големо значење за развојот на здравствениот туризам во Охрид. Искрено се радувам што преку заедничка соработка одлучивме средствата обезбедени преку грантовата шема за инвестициски проекти за одржлив и рамномерен регионален развој, да ги инвестираме токму тука. – рече градоначалникот на Охрид Георгиески.

Реконструираниот базен значително ќе ги подобри условите за рехабилитација во Специјализираната болница „Св. Еразмо“.

Условите можеме да ги подобриме само ако вака сите заедно работиме на подобро утре. Среќни сме што повторно во функција го ставаме базенот кој ќе понуди дополнителни услуги за нашите пациенти. – рече директорот на „Св. Еразмо“.

Проектот е финансиран преку грантовата шема во рамките на проектот одржлив и инклузивен регионален развој.

Ја користам приликата да се заблагодарам до партнерите, особено до вработени во болницата „Св. Еразмо“, кои беа главни иницијатори за реализација на овој значаен проект. – рече директорката на Центарот џза развој на Југозападниот регион Мирјана Лозаноска.

OhridNews