Денеска претставници од локалната самоуправа во употреба го пуштија охридскиот базен „Атина Бојаџи“. На базенот, како и секоја година, ќе партипицираат пливачки школи кои ќе треба да создадат пливачи кои ќе носат врвни резултати во Охрид.

Во изминатиов период ги направивме сите потребни санации, припреми и проверки на системот за третирање на водата, што за мене е најбитниот дел од припремите за пуштање во функција на отворениот пливачки базен. Од денес и наредниов период сме спремни  за сите заинтересирани корисници да го користат отворениот пливачки базен. Јавното Претпријатие “Билјанини  извори“ направи напори, односно цели  заедно со пливачките школи “Делфина“ и “Охридски бранови“ да создадат нова генерација на пливачи  кои ќе продолжат да пливаат по патеките на славните охридски имиња од пливачкиот спорт  и да се запишат во македонската спортска историја.“ – изјави директорот на ЈП „Билјанини извори“, Ристе Мишев.

Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, потенцира дека локалната  самоуправа прави напори  од година во година, овој пливачки базен да изгледа поубаво и подобро.

„Од она што можевме да го видиме а воедно  и да честитаме на директорот и на ЈП “Билјанини  Извори“  за одлично завршената работа  по што  големиот и малиот базен се ставени во функција и се на располагање на пливачките школи од Охрид кои што со своите членови практично од денес ќе може да уживаат во новиот амбиент на базенот. Исто така како Локална самоуправа во рамки на традиционалниот проект кој што го воспоставивме од минатата година „Спортско лето- спорт за сите“ ќе овозможиме и услугите на овој базен, како и сите услуги кои ги нуди Јавното претпријатие “Билјанини Извори“, да може да ги искористат што повеќе наши сограѓани од различни категории, така што верувам дека и ова лето на базенот ќе имаме убави содржини кои ќе се привлечни за охриѓани а сигурен сум дека од тука ќе произлезат идните охридски пливачи кои што ќе бидат репрезентативци.“ – рече Спасески, додавајќи дека наскоро овој комплекс ќе биде надограден со затворен пливачки базен.

Покрај спортските активности, базенот нуди дополнителни забавни реквизити кои треба да ја надополнат понудата.

Билетот за употреба на сите овие понуди изнесува симболични 60 денари, а термините за пливачките школи е од 8 до 12 часот попладне и 18 од 20 часот.

Рекреативците, базенот ќе можат да го користат во периодот од 12 до 18 часот.

OhridNews